Една од работите што е причина за нервоза кај многу родители, па дури и оние што не се родители, се децата кои мислат дека секогаш се во центарот на вниманието, дека сè се врти околу нив и дека секогаш фокусот мора да е свртен кон нив. Иако ова е доста вообичаено за малите деца, околу 7-годишна возраст, овој егоцентризам треба да почне да исчезнува. А тоа не е случај за сите деца.
Во видео, мајка со голем број следбеници на нејзиниот профил на „Тик-ток“, Бренден Кук, наведува три начини на кои се бори против своите деца кои мислат дека сè се врти околу нив, а многумина ја поддржале.
-Можеби звучи сурово, но мислам дека е многу важно нашите деца да разберат дека не е сè, секоја ситуација, секоја околина – приспособена на нивните желби и потреби – смета Кук.
Еве три работи што ги прави за нејзините деца да знаат дека не се постојано во центарот на вниманието:
Им кажува дека нивните емоции не ја диктираат емоционалната клима во домаќинството
Кога нејзините деца се вознемирени, фрустрирани или лути, Кук вели дека им помага да се справат со своите емоции. Ако сакаат да разговараат, да најдат начин да решат проблем или да направат нешто што ќе ги направи да се чувствуваат подобро, таа е тука за нив. Но, таа им дава до знаење дека нивните чувства се нивни и дека никој друг во куќата не мора да ги дели. Истото важи и за неа и за нејзиниот сопруг.
Експертите ќе го поддржат овој начин на размислување бидејќи секогаш истакнуваат дека еден од најдобрите начини да се научи детето на емпатија е преку пример.
Не им дозволува секогаш да победат
За да успее едно дете, објаснува Кук, треба да разбере дека е потребен напор.
-Ако играме каква било игра, се тркаме, играме друштвени игри и ако не вложат никаков напор, нема да победат. Не само што е важно децата да учат за посветеноста, туку треба да знаат и дека победата не е сè. Губењето честопати доаѓа со лекција, а тоа е лекција што децата треба да ја научат – вели мајката.
Експертите често истакнуваат дека е важно да се научат децата оти добриот обид е поважен од резултатот.
@brenden_cook You’re so vain. #foryoupage #fyp #parenting #parenthood #tipsandtricks #relatable #motherhood #momsoftiktok #momlife #whataboutmeism ♬ original sound – Brenden Cook
Ги учи за чекањето ред
Кук раскажала ситуација во која таа и ќерката биле во автомобилот и нејзиното мало девојче сакало да ја слуша својата омилена песна „Тролови“. Таа ѝ дозволила да слуша, двете уживале во неа, но по таа песна, дошол редот на мајката да избере. Истото важи и за гледањето телевизија. Овие лекции ги учат децата на ред и на тој начин ги учат и на трпение.
Природно е родителите да сакаат да ги задоволат своите деца и да ги направат среќни, но тоа не е реално. Децата треба да научат дека не секогаш сè треба да им се сервира, дека не можат секогаш да бидат на прво место и дека не мора секогаш да им биде удобно без исклучок.
Автор: Наташа Крстичевиќ