Хиперсензитивното дете има нервен систем кој е постојано буден и брзо реагира на секоја дразба. Тоа е неверојатно реактивно на околината кога станува збор за звуци, мириси, светло, однесување на луѓето. Обично овие деца кога биле бебиња биле поплачливи, потешко заспивале, реагирале на секој звук, допир, промена на светлина. Но тие имаат и свои предности: надареност, талентираност и емпатија. На овие деца им се потребни посебно внимание и разбирање за да научат својата сензитивност да ја гледаат како дарба наместо да израснат во возрасни со ниска самодоверба, вели магистерот од областа на клиничката психологија Надица Скепароска-Петковска од скопското советувалиште „Мозаик“. Со неа разговараме за хиперсензитивните деца, како да ги препознаете, како да постапите со нив, да ги израснете во личности со силна самодоверба.

Општеството денес има развиено систем за справување со насилните, проблематични деца. Но што се случува со сензитивните и хиперсензитивните деца, кои исто така се соочуваат со низ проблеми секој ден. Каде тие да се обратат?

– Се смета дека од 15 до 20 отсто од популацијата ги има карактеристиките на хиперсензитивност, меѓутоа, овие деца ретко се препознаени и ретко се бара помош за нив. Многу родители се обраќаат кај психолог, сметајќи дека може да станува збор за аутизам, доколку детето кое има знаци на хиперсензитивност е помало од 3 години. Хиперсензитивноста кај децата најчесто е изразена на два различни начини: како срамежливост и изолираност или со изразени тантруми и емоционални празнења. Кај првата категорија деца ретко кој се обраќа за помош, додека за втората категорија родителите, не знаејќи како да се справат сами, се обраќаат за стручна помош.

Постои ли разлика меѓу сензитивно и хиперсензитивно дете?

– Вообичаено кога велиме сензитивно дете мислиме на емоционална пречувствителност. Разликата помеѓу високо сензитивни деца и хиперсензитивни е во тоа што првите се реактивни на дразбите од околината, меѓутоа, имаат подобри социјални вештини и не се навредуваат лесно, за разлика од вторите кои лесно се навредуваат и сè си земаат при срце. Хиперсензитивното дете има нервен систем кој е постојано буден и брзо реагира на секоја дразба. Тоа е неверојатно реактивно на околината кога станува збор за звуци, мириси, светло, однесување на луѓето и слично. Хиперсензитивните деца се високо реактивни на расположението на другите луѓе и како возрасни имаат високо развиена емпатија. На тие деца им пречи метеж, многу гласна музика, погледите на другите, обично поставуваат многу прашања, имаат одлична перцепција дури и за најситни детали и сакаат рутина.

Како родителите и наставниците да препознаат кое дете е сензитивно или хиперсензитивно?

– Веќе споменав дека хиперсензитивните деца се тивки и повлечени, но можат да бидат и доста плачливи и да имаат тантруми. Обично овие деца кога биле бебиња биле поплачливи, потешко заспивале, реагирале на секој звук, допир, промена на светлина и слично. Во предучилишна возраст исто така се повеќе плачливи, реагираат на секоја промена во околината, може да се повлечени, да одбегнуваат места каде што има повеќе луѓе или деца и да реагираат на промената на расположението на родителите. Од друга страна, дел од хиперсензитивните деца не се толку тивки и повлечени, туку се доста активни и често стануваат претерано стимулирани, па потоа е тешко да ги совладате. Хиперсензитивните деца најчесто се надарени и талентирани, креативни и поседуваат емпатија. Затоа родителите најчесто велат дека е дар да се има такво дете, но на моменти е исцрпувачко. Во мојата практика доаѓале дечиња со овие карактеристики изразени на различен начин. Дел од нив со изразени тантруми, активни, кои прво прегледуваат сè низ просторијата за потоа да седнат, а и такви што се изолирани и одбиваат секаков контакт со непознати. Се сеќавам на едно девојче, имаше 7 години. Родителите ја донесоа поради срамежливост, изолираност и претерана чувствителност. На првите неколку средби беше со наведната глава, ретко ме погледнуваше и на почетокот беше тешко да се оствари контакт. Кога открив дека е исклучително надарена за цртање и математика, почнавме оттаму. Полека се ослободи и успешниот контакт со терапевтот го пренесе понатаму со другите луѓе што ја опкружуваат.

Како родителите да се справат доколку имаат вакво дете и во кој правец да го насочат?

– На овие деца им е потребно посебно внимание и разбирање за да научат својата сензитивност да ја гледаат како дарба наместо да израснат во возрасни со ниска самодоверба. Родителите лесно може да се разлутат доколку нивното дете постојано плаче или се срами да се поздрави со другарче или роднини. Сè што треба да направат родителите е да не го казнуваат детето во такви ситуации, зашто така влијаат врз неговата самодоверба. Еве неколку совети за родителите:

Живееме на Балканот. „Плачко“, „лигле“ се секојдневните квалификации со кои најголем број од возрасните им се обраќаат на децата ако се емотивно повредени. Како треба да се однесуваат возрасните кон нив?

– Како што споменав претходно, родителите прво треба да го прифатат своето дете какво што е. Придавките „лигле“ и „плачко“ не помагаат. Плачењето кај овие деца не е поради разгаленост или поради каприц. Обично е предвидливо: претерано плачат кога има премногу дразби во околината, кога се навредени, кога има промена во секојдневната рутина и слично. Родителите треба да го следат своето дете, да знаат од каде доаѓа претераното плачење, да ги дознаат вистинските потреби на нивното дете за да знаат како да се справат со тоа. Родителите на овие деца треба да се вооружат со трпение и да предвидат во кои ситуации може да дојде до плачење, за полесно да го менаџираат истото.

Како родителите да го научат детето да се справува со секојдневието исполнето со многу неправди? Како да го подготват да може самостојно да функционира?

– Хиперсензитивните деца имаат и свои предности: надареност, талентираност и емпатија. Со фокусирање на нивните предности може полесно да се справуваат низ секојдневието. Поттикнувањето на нивните дарби може да им помогне да бидат полни со самодоверба. Емпатијата им помага да градат добри пријателства. Помошта треба да доаѓа во облик на менаџирање на емоциите, односно нивно навремено препознавање и изнаоѓање соодветен начин на изразување. Првенствено родителите најмногу помагаат во тоа дали хиперсензитивното дете ќе научи да ги изрази емоциите на прифатлив начин или истите ќе станат извор на анксиозност. Секако, постојат и стручни лица на кои може да им се обратат за помош, затоа што да се биде родител, понекогаш не значи дека треба целиот товар да го сносиме сами.

Извор: Факултети.мк



912

X