Навидум безопасниот чин на влечење на раката на непослушното дете може да заврши навистина лошо. На ова предупредува педијатарот Амулија Мајсор на социјалната мрежа „Инстаграм“, каде што објавила видео во кое објаснува зошто не треба да го кревате детето држејќи го само за рацете или наеднаш да го повлечете за раката.
„Повреда на лактот се јавува кога лактот на детето делумно се дислоцира. Бидејќи коските и мускулите на малото дете сè уште се развиваат, обично е потребна многу мала сила за да се предизвика повреда, и затоа тоа е толку честа појава“, вели таа.
Според д-р Мајсор, оваа повреда најчесто се пријавува кај деца на возраст од 1 до 4 години, но има случаи каде што се повредени и деца на возраст од 7 години.
„Повредата предизвикува болка и потребно е да се побара помош од лекар за да се ублажи непријатноста и да се врати подвижноста на раката“, заклучила докторката.