Нерасположениот татко кој не знае да ги контролира своите емоции има негативно влијание врз когнитивниот и емотивниот развој на децата. Иако ваквото однесување е почесто кај мажите, гневот на мајките не прави ништо помалку. И ако обајцата родители се склони кон гнев – штетата се зголемува.
За жал, во текот на конфликтите многу е потешко да се пронајдат уверливи аргументи и разумен начин за излез од расправијата отколку едноставно да му се даде простор на гневот и да се почне со викање. И кога на работа имаат проблеми и стрес, татковците често вентилот го наоѓаат токму во семејството.
Сепак, викањето што произлегува и од татковците и од мајките, како и претераната строгост, не предизвикуваат почит, туку страв. Така родителите ја добиваат битката, губејќи ја војната на повеќе фронтови одеднаш: последиците ќе влијаат врз формирањето на личноста на детето, ќе влијаат врз неговото здравје, и развојот на односот родител-дете.
Детето сите работи ги сфаќа буквално: ако таткото го навредува и секојдневно му вика – тоа значи дека не го сака. Ако не те сака оној што ти најмногу го сакаш, какви ќе бидат другите кон тебе. Резултатот е прилично предвидлив: се појавуваат раздразливост, вознемиреност, фобии, лоши навики, тешкотии при интеракција со другите возрасни и врсниците.
Кога детето расте во вакви услови, може да се развие во една од двете насоки:
– Се зголемува лошото однесување и кршењето правила – детето знае дека во секој случај некој ќе му вика, па барем нека вика со причина;
– Желба да задоволи – детето ќе се обиде да направи сè што очекуваат родителите од него, па дури и по цена на измама и ласкање.
Децата што се приближуваат до пубертетот можат да покажат агресија, проблеми со законот и многу други работи. Долгорочно, хроничниот стрес може да предизвика психо-соматски заболувања.
Агресијата како пример
Семејната микроклима многу зависи од начинот на комуникација. Тешко дека детето ќе изгради топол однос на доверба со родителите што често му викаат, па едноставно емотивно се затвора.
Како резултат на тоа, доаѓа до општо влошување на односите, што е особено штетно за децата на предучилишна возраст. Возрасните често не ги разбираат причините за оддалеченоста на детето и уште повеќе се нервираат.
Односот на детето кон општеството зависи од семејните односи
Викањето како семеен стил на комуникација води кон формирање навики. Детето го пренесува во социјалниот живот: еден ден ќе им вика и на своите деца.
Другата последица е недостиг на независност и инфантилност. На децата им е тешко да формираат чувство на одговорност, па ќе се обидат тоа да им го пренесат на другите.
Комплексот на жртва е една од најтешките последици. Детето се чувствува непотребно, станува чувствително, пати поради ситници, бара активно внимание и сожалување од страна на сите што се околу него.
Како да се справите со тоа?
За да се изгради нов и различен однос, важно е да се разберат причините за „пад“. Најпрво, ваквото однесување е губење на контрола над себе и сопствената емоционална состојба. Негативните чувства избиваат на површина, а детето не е доволно зрело за да спречи напад или испад.
Самоконтролата како вештина не се развива лесно. А она што треба да го знаете е дека ако сакате да ги воспитате децата, најпрво треба да се воспитате себеси. Бидејќи децата и онака ќе личат на вас (Душко Радовиќ):
– Елиминација на надразнувачи. Ако стресот и општата иритација се причини за вашиот слом, обидете се да ги исклучите „предизвикувачите“ на гневот. Се разбира, не е секогаш можно, но во извесна мера е.
– Временско планирање. Јасната дневна рутина ќе помогне да избегнете брзање.
– Визуализација на „гледачите“. Замислете дека сте опкружени со луѓе или дека ви доаѓаат гости. Штом желбата за викање ви стане силна, помислете дека другите ќе ве слушнат.
– Развивање симболи. Договорете се со децата за клучните зборови или фрази што ќе ги изговорат веднаш штом ја губите способноста да се контролирате. На пример: „Те сакам, не лути се“. Тоа ќе ви помогне да застанете навреме.
– Вербализација на чувствата. Не срамете се од вашите негативни чувства и отворено кажете: „Лут сум“, „Лут сум поради твоето однесување“. Ваквите фрази се поконструктивни отколку врескање.
Ако ниедна од горенаведените методи не помогне во спречување на агресијата, најдобро е да се консултирате со психотерапевт.
Во случај кога бесот не може да се ограничи, важно е да се извините: искрените извинувања никогаш нема да го нарушат родителскиот авторитет, туку ќе ги ублажат ефектите од конфликтот и ќе помогнат во градењето отворена комуникација со вашето дете.