Логопедот м-р Светлана Трнинкова подготви вежби и игри со кои децата ќе го зголемат фондот на зборови во речникот и ќе извежбаат повеќе граматички правила
Вежба: Koго и што?
Со оваа вежба се учат разлики помеѓу прашањата „кого“ и „што“, разлики помеѓу поимите живо и неживо, а се збогатува и речникот и се учи за еднина и множина.
Ова е постапка според која се игра играта:
-Родителот и детето си поставуваат еден на друг два вида прашања со „кого“ и „што“. Потребно е на овие прашања да се потруди детето и да се поттикне да даде повеќе или најмалку пет одговори.
Примери:
– Koго сè можеме да видиме во шумата? (верверичка-верверички, срна- срни, еже-ежиња, зајче-зајачиња, лисица-лисици, волк-волци)
-Што сè можеме да видиме во шумата шетајќи и набљудувајќи околу нас? (дрвја, листови, гранки, стебла, поточиња, река, извор, изворчиња, шумски плодови, шумски цвеќиња, печурки…)
– Koго можеме да видиме во зоолошката градина?
– Што сè можеме да видиме во зоолошката градина?
– Koго можеме да видиме на село и во селскиот двор?
-Што сè можеме да видиме во селскиот двор околу куќата?
– Koго можеме да сретнеме и видиме во градот по градските улици?
-Што сè можеме да видиме по градските улици?
– Koго можеме да видиме кога одиме на заболекар?
-Што сè можеме да видиме кога одиме на заболекар?
За сите описи може да се обезбедат соодветни слики.
Светлана Трнинкова
Игра: Еден и многу
Му се објаснува на детето дека ќе играме игра и тоа на овој начин: „Ќе изговарам еден збор кој ќе означува еден предмет или едно живо суштество, а ти ќе го кажеш така што ќе означува повеќе предмети или суштества. Пример: Кога јас ќе кажам мачка, ти ќе кажеш мачки!“
Примери за зборови во еднина кои ги изговара родителот: риба, банана, книга, молив, лав, уво, дете, човек.
Играта може да се продолжи во спротивна насока – родителот изговара зборови кои се во множина, а детето ги кажува во еднина.
Примери: знамиња, моливи, облаци, лажици, ножици, гуми, елени, јагоди, волци.
Вежба: Оној-онаа-она, овој-оваа-ова
Најдобро е играта да се игра на место на кое има многу предмети за покажување. Детето ги именува предметите околу себе со употреба на заменките пред секоја именка. Родителот дава пример: „Слушај како различно зборувам и именувам предмети кога зборувам за нив. Онаа маса, оној стол…“
Примери:
-Она столче е многу шарено.
-Оваа чешма во дворот е многу стара и одамна е направена.
Сметам дека за правилно усвојување на показните заменки и нивно поврзување со именките на децата ќе им треба подолго време и ќе ве замолам постојано да си помагате и со слики или директно покажување на предмети во непосредната околина. Само така во непосредните ситуации децата ќе можат да ги усвојат показните заменки.
Вежба: Именки и глаголи
Оваа вежба е за деца од претшколска возраст и е за совладување на основните граматички категории именки и глаголи. Ќе ја објаснам низ примери.
Се покажува слика на маче и се поставува прашањето: „Што е мачето?“
Се покажува слика со нога и се поставува прашањето: „Зошто ни служи ногата?“
Се покажува слика со када и се поставува прашањето: „Зошто ни служи кадата?“
Се покажува слика со куче и се поставува прашањето: „Зошто го чуваме?“
912