Развојот на говорот кај децата е индивидуален процес и секое дете напредува со сопствено темпо. Сепак, постојат одредени развојни рамки и знаци кои можат да укажат на тоа дека на детето му е потребна дополнителна поддршка во развојот на говорот и јазикот.
Родителите често се прашуваат дали станува збор само за минлива фаза или за сигнал дека е време за стручна процена. Навремената реакција може да има големо значење за понатамошниот развој на детето, неговата самодоверба и успешноста во градинка и училиште.
Во продолжение дознајте кога е вистинското време да го однесете детето на логопед и кои се најважните показатели на кои треба да обрнете внимание.
Развој на говорот по возраст – што се очекува?
Иако постојат индивидуални разлики, развојот на говорот најчесто следи одредени фази. Познавањето на овие фази им помага на родителите полесно да ги препознаат евентуалните отстапувања.
Возраст од 1 до 2 години
Во овој период детето обично:
- ги изговара првите зборови со значење (мама, тато, дај);
- разбира едноставни инструкции („Дај ја топката“, „Дојди ваму“);
- покажува со прст кон предметите што ги сака.
Ако детето до втората година не користи ниту еден смислен збор или не разбира едноставни инструкции, тоа може да биде знак дека е потребна стручна процена.
Возраст од 2 до 3 години
На оваа возраст се очекува:
- спојување на два збора („дај вода“, „мама дојди“);
- побогат речник;
- разбирање на секојдневниот говор.
Доколку детето користи мал фонд на зборови, не се обидува да формира реченици или околината тешко го разбира, тоа може да биде сигнал да се обратите кај стручно лице.
Возраст од 3 до 5 години
Детето би требало да:
- кажува целосни реченици;
- поставува прашања;
- разбираат повеќето луѓе од околината.
Ако говорот не е јасен, детето испушта гласови или тешко се разбира со врсниците, тоа може да укажува на потреба од процена.
Јасни знаци дека детето треба да оди на логопед
Постојат одредени знаци кои не треба да се занемарат бидејќи можат да укажуваат на доцнење или нарушување во развојот на говорот и јазикот. Родителите треба да обрнат внимание ако детето:
- не прозбори до втората година;
- има многу сиромашен речник;
- не разбира едноставни инструкции;
- испушта или заменува гласови во говорот;
- зборува неразбирливо и по третата година;
- избегнува комуникација и не воспоставува контакт со очи;
- покажува фрустрација бидејќи не може да се изрази.
Во вакви ситуации важно е детето да го прегледа стручен логопед за да се утврди дали станува збор само за побавен развој или постои потреба од дополнителна поддршка.
Најчести грешки на родителите
Една од најчестите грешки е чекањето со идејата: „Ќе прозбори само“ или „И други доцна прозбореле“. Иако е точно дека децата се развиваат со различно темпо, одложувањето на процената може да доведе до продлабочување на тешкотиите.
Родителите често:
- го одложуваат прегледот мислејќи дека станува збор за минлива фаза;
- го споредуваат детето со други деца наместо со развојните норми;
- веруваат дека градинката сама по себе ќе го „поттикне“ говорот;
- се обраќаат кај стручно лице дури пред тргнување во училиште.
Раната процена не значи дека детето има сериозен проблем, напротив, често значи само блага поддршка која може брзо да даде одлични резултати.
Кога задолжително да се јавите кај логопед?
Постојат ситуации кои бараат стручна процена без одложување:
- Детето не зборува до 24-месечна возраст.
- Не реагира на своето име или не го разбира говорот.
- Зборува малку или неразбирливо во однос на возраста.
- Пелтечењето се појавува ненадејно и трае подолго време.
- Детето покажува фрустрација за време на комуникацијата.
- Постои сомнеж за нарушување на изговорот на гласовите.
- Пред тргнување во училиште говорот не е доволно јасен.
Зошто е важна раната процена?
Колку порано се забележи евентуалното доцнење или тешкотија, толку се поголеми шансите говорот да се развие правилно и без долгорочни последици. Раната поддршка позитивно влијае врз:
- развојот на самодовербата кај детето;
- полесното вклопување во градинка и во друштвото со врсниците;
- подобрата подготовка за училишните обврски;
- намалувањето на фрустрацијата поради неразбирање.