Анонимната и доверлива услуга е достапна секој работен ден во периодот од 15 до 20 часот, на 075 230 530, и е наменета за сите родители, старатели и згрижувачи, но и за сите оние што се грижат или работат со деца

Совети, поддршка и решенија на проблеми со кои се соочуваат родителите се главниот мотив на Линијата за родители, која функционира од неодамна, обезбедувајќи практични совети како соодветно да одговори родителот на емоционалните потреби или промени кај своето дете. Искуството покажува задоволителни резултати и како интерес од родителите, но и како успешно решени проблеми.

Фросина Ивановска, координатор на Линијата за родители, вели дека оваа линија почнала со работа во април минатата година во рамките на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, со поддршка од УНИЦЕФ.

– Анонимната и доверлива услуга е достапна секој работен ден во периодот од 15 до 20 часот, на 075 230 530, и е наменета за сите родители, старатели и згрижувачи, но и за сите оние што се грижат или работат со деца – посочува таа.

Бројот на јавувања почнал да се зголемува по изработката и споделувањето на промотивните видеа во април оваа година.

– Секојдневно примаме по неколку повици и најзначајно за нас е што поголемиот дел од родителите се јавуваат и по неколку пати, сè до постигнување на целта или промената за која првично се јавиле – вели Фросина.

Од почетокот на 2021 година, заклучно со јули, на линијата се примени околу 180 повици.

Досега во тимот што работи на оваа линија имало пет оператор(к)и кои имале обуки по психолошко советување и/или психотерапија, а од идниот месец тимот ќе биде зајакнат со 10 оператор(к)и и 6 супервизори.

Совети кои даваат практични решенија

Посочува дека преку Линијата за родители на корисниците им се обезбедуваат практични совети како соодветно да одговорат на бихевиоралните и емоционалните потреби или промени кај детето од неговото раѓање до периодот на адолесценција, но и како соодветно да одговорат на секојдневните предизвици.

– Целта на Линијата за родители е да им обезбеди помош и поддршка на родителите и другите членови на семејството кои се вклучени во грижата и воспитувањето на детето во насока на правилен развој, а со тоа да придонесе кон превенција од непосакувани односи родител-дете, односно превенција и заштита од сите облици на насилство врз деца – додава Фросина.

Како позитивен пример за успешност на работата на оваа линија го посочува случајот со загрижена мајка за своето 7-годишно дете.

–  Учителката постојано се жалела кај мајката дека нејзиниот син се задева со друго дете од истиот клас, како и дека честопати тоа задевање преминувало во тепање. Прво се обрна внимание да се дознае зошто, односно поради која причина тие две деца се тепаат. Каква е верзијата на едното дете, каква е на другото. Се посочи и да се внимава на тоа што се случува со детето кога е дома. Потоа се премина на совет да се вклучи стручната служба во училиштето и да направи увид што се случува таму. Наредниот чекор беше тој кога со мајката се разговараше за можноста да се сретнат родителите на двете деца, заедно со децата, и да разговараат отворено. По ова, приказната беше успешно решена, односно веќе немаше задевање помеѓу децата, а мајката беше благодарна што заеднички го водевме случајот – раскажува Фросина.

Целта на Линијата за родители е да им обезбеди помош и поддршка на родителите и другите членови на семејството кои се вклучени во грижата и воспитувањето на детето

Мајките почесто бараат телефонски совети

Фросина посочува дека најголем број од јавувањата се од мајки кои забележале проблеми во однесувањето на нивните деца.

– Промените во однесувањето се за несоодветно изразување на лутина и агресивно однесување, непочитување на правилата, тешкотии при воспоставување и следење на работните навики (време поминато пред екрани), како и адаптација на нови средини и услови (почеток во градинка, училиште или онлајн-настава) или, пак, разделба на родителите или отсутност на родителите од различни причини. Понекогаш има и јавувања за посериозни проблеми во приспособувањето и однесувањето на децата, и тогаш согласно ситуацијата родителите се упатуваат до соодветната институција/професионалец – објаснува таа.

Помал процент на јавувања се од татковците, но и од други членови на семејството кои се вклучени во грижата за децата и се загрижени или сакаат да помогнат во постигнувањето промена кај некое проблематично однесување или, пак, се несигурни како да дадат поддршка кон правилен развој на децата.

Зависно од проблемот, односно загриженоста што ја покажува родителот при барањето помош, Фросина посочува дека советувањето е главно во насока да им помогне на родителите полесно и побрзо да го решат.

– Оттука, операторите даваат повеќе предлог-насоки и совети како да се промени она однесување на детето за кое се загрижени. Совети за градење поквалитетно поминато време со децата, разбирање на барањата на децата, како соодветно да се постават граници, каде да им се даде поголема слобода итн. Навидум може да звучат како многу едноставни предизвици на родителите со своите деца, но во моментот кога се случува проблемот со детето, родителот честопати е избезумен и не знае што да преземе. Советите на операторите се во насока да ги извадат на површина капацитетите и потенцијалите што ги имаат родителите во процесот на воспитување и растење на своите деца – смета таа.

Дали родителството се учи?

Фросина одговара на дилемата дали родителството се учи, а токму тоа е и потребата од создавањето на ова линија, преку која се обидуваат да поттикнат кај родителите и другите корисници на услугата да се потрудат покрај учењето и совладувањето на предизвиците да има и уживање, но и потсетување за секојдневните навидум мали успеси.

– Родителството е видот на врска што што сакате да ја создадете со вашето дете. Начинот на воспитување произлегува од личните искуства и семејното живеење. Грешките што ги прават родителите не се поради недостиг на љубов, туку поради непознавање на поефективни форми на воспитување, а недостигот на информации и знаење некогаш може да го однесат родителот во погрешна насока -посочува таа.



912

X