Ако вашето малечко е на вистинска возраст, летото е идеално време да го одвикнете од пелени.

Повеќето деца се подготвени да се одвикнат од пелени на возраст од околу 20 месеци, но девојчињата честопати се подготвени порано од момчињата. Постојат неколку параметри според кои можете да процените дали вашето дете е подготвено да ги отфрли пелените.

Подготвеност

Прво, проверете дали вашето дете е подготвено да ги тргне пелените, дали може да ги покаже своите потреби. Секогаш започнувајте со охрабрување и поддршка. Ако детето одбие да ја фрли пелената, вашиот притисок само ќе создаде напната атмосфера и ќе предизвика отпор. Ако детето има редовна столица, го имитира вашето однесување во бањата, сигнализира кога треба да мочка или да го празни дебелото црево, разбира едноставни упатства, не сака да биде во влажна пелена, не е во фаза кога одбива сè, оди и седи нормално, покажува потреба од независност… спремно е за одвикнување. Без разлика дали сте се одлучиле за нокшир или тоалет, важно е да му создадете рутина на вашето дете. Нокширот е добар избор бидејќи е приспособен на висината на детето, но некои родители тврдат дека капакот за тоалетната школка е попрактичен бидејќи детето веднаш се навикнува на вообичаениот тоалет.

Одвикнување

Вооружете се со трпение и упорност! Бидејќи детето може полесно да ги контролира цревата отколку мочниот меур, добро е да започнете со голема нужда. Избегнувајте дел од денот кога вашето дете е поспано или раздразливо, или гладно. Не присилувајте го ако се плаши. Направете пауза неколку дена и обидете се повторно.

На почетокот дозволете му на детето да го стави нокширот каде што му е најудобно. Сепак, тоа не значи дека треба да го ставите пред телевизорот бидејќи нокширот ќе стане сѐ освен место за нужда. Не лутете се ако детето греши и понекогаш прави хаос. Негативната реакција може да доведе до запек, бидејќи детето ќе почне да ја задржува столицата.

Страв

Детето може да одбие да седне на нокширот затоа што се плаши од него. Обидете се со различна форма, различни додатоци за тоалетната школка или едноставно направете го одењето во тоалет забавно. Понекогаш помага ако му објасните на детето каде оди изметот.

Ова ќе му помогне да го поврзе седењето со резултатот. Потоа испразнете ја содржината во тоалетната школка и дозволете му на детето, на пример, да се исплакне.

Хигиенски навики

Погрижете се да ги мие рацете секогаш кога оди во тоалет. Направете го тоа забавно. Децата сакаат да си играат со вода, па ако детето врши нужда во нокшир, како награда, дозволете му да ужива во играњето со вода неколку минути додека ги мие рацете. Кога детето ќе изврши нужда во нокшир, наградете го. Ова важи и за секоја најава дека треба да кака или мочка – дајте му нешто во кое ужива.

Конзистентност

Ова е златното правило на воспитувањето. Ако одите на патување, понесете детска тоалетна штица. Ако одите во шопинг, не посегнувајте по пелена. Оставете го да изврши нужда пред да излезе од дома.

Кога ќе одлучите да започнете да го одвикнувате вашето дете од пелени, погрижете се другите да бидат вклучени во процесот. Информирајте ги бабите и воспитувачките во градинката… Така ќе знаат што да очекуваат и што треба да прават.

Ноќно одвикнување

Дури и кога детето е обучено да го користи нокширот во текот на денот, одвикнувањето навечер е речиси посебен процес. Имено, организмот на детето сѐ уште не е доволно развиен за да му испраќа сигнали за потребата да оди во тоалет во текот на ноќта. Најпрво, не давајте му премногу течности пред спиење и навикнете го да оди на нокшир доколку мора да мочка во текот на ноќта. Некои родители го оставаат нокширот до креветот.

Кога пелените остануваат суви неколку ноќи по ред, детето веројатно е подготвено за ноќно одвикнување. Според некои статистички податоци, од дневното до ноќно одвикнување поминуваат шест месеци. Во секој случај, три до пет ноќни суви пелени се знак дека е време да престанете да му ги ставате.

Не во стресен период

Ако нешто необично се случува во вашиот живот во моментот, почекајте ситуацијата да се смири. Дури и добриот стрес е лош стрес кога станува збор за одвикнување. Свадби, доаѓање на ново дете, одмори… сето тоа може да биде исто толку тешко за вашето дете како развод, смрт или преселба. Ако во моментов ви се случува нешто големо во животот, почекајте ситуацијата да се смири пред да се обидувате детето да се откаже од пелените. Ова му дава на детето чувство на сигурност и му помага да се ослободи од пелената во време кога има нормална рутина.

Извор



912

X