Не секој родител е учител или има дарба да му осмисли доволно и соодветни активности на детето во текот на летниот распуст кои ќе му помогнат да го одржи знаењето
Во секое семејство барем еднаш се наметнал муабетот дали детето треба да учи и за време на летниот распуст. Прашањето е дали за овие два и пол месеца детето ќе го заборави она што го учело 9 месеци. Има и некои научни истражувања на оваа тема според кои заборавањето е поголемо колку што е детето повозрасно и дека повеќе се заборава математиката, а помалку читањето и пишувањето.
Што е приоритет: играта или учењето? А што ако може и двете, бидејќи и двете се еднакво важни. Но, не секој родител е учител или има дарба да му осмисли доволно и соодветни активности на детето во текот на летниот распуст кои ќе му помогнат да го одржи знаењето. Ама па тоа и не е потребно. Само следете ги следниве препораки:
– Психолозите велат да го оставите детето да се досадува, така ќе се активира фантазијата – од потребата да прават нешто, ќе си смислат самите што.
– Ограничете го времето пред компјутер, нека е подолго отколку кога одеше на училиште, но е и премногу. Ако веќе седи пред компјутер, дајте му некоја задача: да ви искуца некој текст кој „многу ви треба“, да ви прочита нешто наглас „што многу ве интересира“ – за помалите; да ви најде некоја музика, да ви сними неколку рецепти, да ви преведе некој текст – за поголемите.
– Навистина, читањето помалку се заборава, но не заборавајте го: 15 минути најмалку во денот. Не мора да е лектира, не мора дури ни да е книга, не мора да е на мајчиниот јазик, сè е за читање.
– Мислите дека ако е само надвор, со другарчињата, ништо од учењето. Напротив, радувајте се ако е излезено, најмногу и најдобро се учи од врсниците.
– Вратете ги во живот старите добри игри: карти, јамб, „Не лути се, човеку“. Не можете ни да претпоставите колку многу се учи и повторува математиката преку нив. Значи, секоја вечер или во најжешкото, неколку партии табланет.
– Оставете му обврска на детето да зготви нешто денес, вие сте на работа, немате време, дајте инструкции и ручајте заедно, разговарајте како се готвел ручекот – ете ви ги македонски јазик, математика, природни науки…
– Пазарењето е омилена активност на децата. Испраќајте го вашето дете секој ден до продавница, не дека вас ви е мака или не можете, но бидејќи така секојдневно ќе ги обновувате математичките концепти: пари, сметање, мерење.
Исклучок од сето ова се само децата што имаат одредени развојни проблеми, за нив учењето не смее да престане ниту еден ден, па ни за време на распустот, ама не и повеќе од еден час дневно. Но за тоа се потребни посебни програми и консултации со стручњаци.
912