Неодамнешното несреќно слетување на авион на „Делта ерлајнс“ во Торонто послужи како потсетник за потенцијалните опасности од летање со мало дете кое седи во скутот на родителот. Авионот се превртел при слетување, а меѓу повредените имало и 18-месечно дете. Иако овој случај немаше трагичен расплет, во минатото имало неколку слични несреќи во кои загинале мали деца.

Експертите се согласуваат дека е побезбедно децата под две години да седат на сопственото седиште во авион и да користат одобрени седишта за автомобил, дури и ако тоа значи дека родителите треба да платат дополнителен билет. Но, на бебињата сè уште им е дозволено да летаат во авион во скутот на нивните родители, па родителите продолжуваат да ја избираат оваа опција и покрај ризиците.

-Најтажно е што повеќето семејства кои патуваат со дете в скут мислат дека тоа е безбедно затоа што е дозволено – истакнала поранешната стјуардеса Јан Браун, која станала поборник за користење седишта за автомобили во авионите, откако авионот со кој летала се урнал во близина на Сиукс Сити, Ајова, во 1989 година.

Шестмесечно момче кое патувало во скутот на своите родители починало во 2012 година кога авионот силно слетал во Нунавут, Канада.

Што препорачуваат експертите?

Националниот одбор за безбедност на транспортот (НТСБ) и Одборот за безбедност во транспортот, долго време препорачуваат доенчињата и малите деца да летаат само на одобрени седишта за автомобили за нивна заштита. Федералната управа за авијација (ФАА), исто така, препорачува користење на седишта за автомобили, но тоа не е задолжително. И Американската академија за педијатрија и повеќето големи здруженија на авиокомпании го поддржуваат задолжителното користење на автомобилски седишта за малите деца.

Водечките истражувачи за несреќи во САД и Канада почнале да препорачуваат седишта за автомобили за деца под две години и специјализирани системи за врзување за постари деца пониски од 102 см, по фатални несреќи во нивните земји пред неколку децении.

-Луѓето не го разбираат ризикот на кој го ставаат своето дете ако не го купат тоа седиште и не го врзат правилно – вели Том Чепмен, член на НТСБ.

Не само што е побезбедно за децата да патуваат на сопствените седишта, туку е и поудобно за родителите бидејќи не мора да држат немирно бебе со часови.

Експертот за автомобилски седишта и мајка Мишел Прат истакнала дека семејствата треба да купат билет за секој член на семејството.

-Седиште за вашето бебе може да биде поевтино од вашиот багаж. Зошто да не го искористите тоа? – заклучила Прат.

Извор



912

X