Точно е 17:32 часот. Сопругот се враќа од работа и ги наоѓа своите малечки во дворот. Сè уште се во пижами, си играат во прашината, а наоколу се расфрлани влажни марамчиња. Вратата од автомобилот на неговата сопруга е отворена, како и вратата од куќата. Кучето никаде го нема.
Веќе малку исплашен, се приближил до влезната врата и затекнал уште поголем хаос. Светилката во ходникот искршена, тепихот целосно собран. Од дневната соба се слуша многу силен тон на телевизорот и добро познатата песна „Паааатролни шепи…“
Во детската соба постелнината е фрлена на подот, а играчките се насекаде. Во кујната, садовите го преплавиле мијалникот, храната од појадокот сè уште е на масата, а јогуртот е истурен на тепихот. Вратата од фрижидерот е широко отворена, а кутија со стопен сладолед стои отворена на работ од шанкот. Кучешката храна е насекаде на подот во кујната.
Набрзина се качува по скалите, прескокнувајќи играчки и облека, барајќи ја сопругата. Се плаши дека нешто ѝ се случило, секакви работи му паѓаат на ум. Влегува во бањата за да провери дали таа е таму. Внатре наоѓа неколку влажни крпи, исцедени шампони во коритото за играчки и тоалетна хартија низ целата бања.

Додека брза кон спалната соба, веќе избезумен, убеден е дека нешто се случило. И таму ја наоѓа сопругата, стуткана в кревет, како чита книга и пие кафе. Таа го крева погледот и му се насмевнува.
Вознемирен, прашува: „Што се случи овде денес?
Таа повторно се насмевнува и му вели: „Знаеш како, секој ден кога ќе се вратиш од работа, а јас се жалам дека сум уморна, ме прашуваш од што сум уморна и што правам по цел ден дома?“
„Да…“, несигурно одговора тој.
„Па, денес не го направив ТОА“ – вели таа.