Здравје

Лекарка објаснува кога да побарате стручна помош за отоците во бременоста

Отекувањето на нозете и на глуждовите е честа и претежно безопасна појава во текот на бременоста, но може да биде и многу непријатно. Едемот, или отокот на рацете, стапалата и глуждовите, е многу чест, особено во текот на летните месеци.

Според д-р Андреа Груслин, привремена претседателка на одделот за акушерство и гинекологија на Универзитетот во Отава, може да се појави и оток на лицето и на вратот, најчесто по 20. недела од бременоста.

-Речиси секоја жена ќе го доживее тоа до одреден степен – вели Груслин.

Отокот се јавува поради промени во составот на крвта што предизвикуваат акумулација на течност во ткивата. Во третото тримесечје матката врши притисок врз вените во карлицата и шупливата вена, големата вена што ја враќа крвта од долниот дел од телото во срцето. Ова може да предизвика згрутчување на крвта во нозете, предизвикувајќи оток под колената.

Кога е време за грижа?

Иако отокот е обично нормален, кога се комбинира со други симптоми, може да укажува на посериозна состојба. Треба да се обратите кај вашиот лекар ако забележите поголем оток на едната нога отколку на другата, придружен со болка, бидејќи ова може да биде знак за згрутчување на крвта.

Постојана главоболка придружена со визуелни нарушувања, како што се заматен вид или чувствителност на светлина, може да укажува на прееклампсија, висок крвен притисок за време на бременоста. Ако отокот е придружен со болка во градите или тешкотии при дишењето, ова може да биде знак за срцеви проблеми. Во секој од овие случаи, побарајте итна медицинска помош.

Како да се ослободите од отокот?

Постојат начини за ублажување на непријатноста. Можни решенија се кревање на нозете на перница, станување и одење и пиење течности. Пливањето, масажата и избегнувањето да ги прекрстувате нозете исто така можат да помогнат. Д-р Груслин, исто така, разбива неколку вообичаени митови.

-Мит е дека натриумот има некаква врска со тоа – нагласува таа.

Таа, исто така, додава дека зголемувањето на внесот на калиум нема докажан ефект. Што се однесува до компресивните чорапи, д-р Груслин не ги препорачува.

-Премногу се тешки за облекување и соблекување и можат да бидат непријатни – заклучува таа.

Извор

Поврзани написи

To top