„Движете се храбро и искрено низ овој свет. Научете да го сакате фактот дека нема никој друг како вас“ – Даниел Ретклиф

Еве една вистинска приказна што ги топи и најстудените срца – приказната за Леденото момче. На почетокот од јануари 2019 година кинеското момче Ванг Фуман поминало повеќе од пет километри на -10 степени во тенок капут, без капа, за да стигне на тест. Кога влегол во училницата, неговите другари почнале да се смеат: веѓите и косата му биле прекриени со мраз, а образите црвени поради студеното време. Учителката го фотографирала Ванг и го објавила на интернет. Потоа станал познат во целиот свет: илјадници луѓе ја споделиле неговата фотографија и неговата приказна.

Осумгодишниот Ванг живее во мало село во кинеската провинција Јунан со баба му и сестра му. Мајката го напуштила семејството, а таткото работи далеку од дома и доаѓа во посета само еднаш во неколку месеци. Приказната, како и многу други читатели, ме наведе на размислување. Колку пати на учениците сме им ги оправдале изостаноците од наставата (оправдувањето доаѓа од родителот), иако сме свесни дека можната причина за него била избегнување на тестот по некој предмет? Кај оправдувањето на изостаноците не им поставувам многу прашања на родителите бидејќи искуството ме направило внимателна од неколку причини. Прво – можеби за тој тест детето не стигнало да се подготви, а очекувањата на родителите се добри оценки. Второ – она што е најчеста причина – можеби детето се подготвило за тестот, но стравот го парализирало и затоа од стравот од тестот, односно од резултатите, останало дома бидејќи навистина почнало да го боли стомак, желудник, глава и друго. Трето – тестот е од усна природа, а наставникот е чудовиште со три глави во очите на детето.

Како класен раководител, во оваа ситуација често сум се обидувала да го известам училишниот психолог, но и самата да разговарам со децата и родителите. Стравот од тестови е сеприсутен. Да се потсетиме и самите во кои ситуации најмногу сме се плашеле во училиште. Лично јас најголема трема сум имала кај една совршено средена и дотерана професорка по марксизам, а од професорот по математика, кој важеше за сејач на страв, воопшто не се плашев. Погодувате, математиката секогаш добро ми одеше, а марксизмот ми беше ноќна мора. Стравот е емоција која, за разлика од анксиозноста, настанува како реакција на помалку или повеќе специфичен извор на опасности: затворен простор, змија, куче, професор… Стравот е реален, дури понекогаш го заматува остатокот од реалноста. Кога детето се плаши, нашите рационални аргументи едноставно не му влијаат.

Анксиозноста е повеќе апстрактно чувство, чувство на приближување на катастрофа, за која луѓето не можат да ги објаснат причините. Тие емоции може да бидат проследени со физиолошки манифестации, како зголемена брзина на чукањето на срцето, засилено потење, проблеми со дишењето, слабости и болки во стомакот. И многу е важно да се обрне внимание на јачината на тегобите кај детето и како тоа се носи со анксиозноста. Важно е да не се пропушти моментот кога анксиозноста се претвора во одбивање, во несовладлива препрека.

Важно е со родителите, во текот на родителските состаноци или консултации, да се отвори оваа тема. Темелот на стравот од училиште кај децата најчесто го поставуваат родителите и блиските роднини претерувајќи со приказните за значењето на училиштето, на пример, со фразите: Ова ти е најважниот период во животот, но и со уцени од типот: Живеам за тебе, а ти како ми враќаш и слично. Важно е родителите да сфатат дека училиштето е место за учење, но и дека школскиот успех не е толку важен колку што е здравјето на детето. Не е срамота и катастрофа ако детето добие лоша оценка. Учителката има голем авторитет кај детето, но родителскиот авторитет е еднакво важен. Учителот не може сам да го реши овој проблем, без родителска помош. Мораме да се обидеме да откриеме дали стравот од училиштето/тестот е поврзан со некое тешко случување, на пример, кога другите ученици, или дури и учителот, му се смеат на детето во текот на одговорот пред табла. Главната работа е да не се присилува детето да оди во оган.

фото: People’s Daily Online

Важно е и да се научи детето самостојно да ги оцени резултатите на својот одговор, без разлика на мислењето на учителката и да се верува во неговите процени. Да размислиме и за тоа дека детето можеби нема добар однос со врсниците. Да се обидеме да влеземе во неговите чевли и да сфатиме како се чувствува пред и во текот на тестот. Не треба да се обвинува детето, родителите не треба да реагираат премногу емотивно на неговата приказна за стравот, туку да го сослушаат и да му покажат дека ќе му бидат поддршка без оглед на сè.

Многу важна е и заедничката активност со детето, а тоа може да биде риболов, миење садови или средување на домот бидејќи детето на тој начин најлесно се отвора. Во никој случај не треба да се споредува (не)успехот на детето со успесите на другите деца или постарите браќа и сестри. Детето треба да се пофали само за една работа. За подобрувањето на неговите резултати. Да се обидеме да им укажеме на родителите дека треба да го ценат трудот на детето, а не оценките што ги добива. Сите заедно да го научиме детето да се носи со тешкотиите – тогаш со секоја победа ќе почувствува и зголемување на самодовербата.

Посебна тема е маркирањето од училиштето за кое родителите не знаат, но сепак доаѓаат да ги оправдаат изостаноците. Тогаш најмногу би сакала да им кажам: Срам да ви е!, но наместо тоа се насмевнувам и тоа си го кажувам себеси, бидејќи линијата на помал отпор е границата зад која често бегаме.

П.С. Леденото момче на тестот постигнало 99 од 100 можни поени.

И уште нешто: Луѓето со стопени срца собрале 450 илјади долари за ова храбро и симпатично дете. Толку пари биле собрани, што во негово име е основана нова добротворна организација – Фондација за развој на младите во Јунан.

Автор: Амна Дервишагиќ



912

X