Кутри самохрани мајки. Без брачен другар дома кој ќе им помага околу домашните обврски и грижата за децата, сигурно се преоптоварени и лишени од сон.

Дали некогаш добиваат шанса да се релаксираат и да гледаат телевизија? Тоа веројатно е уште едно уживање резервирано најмногу за мажените мајки кои можат да се релаксираат додека нивните сопрузи ги мијат садовите и ги легнуваат децата.

Многу луѓе веруваат во ова. Но, истражувањето „Брачен статус и користење на времето на мајките: грижа за децата, домашната работа, слободното време и сонот“, спроведено на 23.000 мајки, покажува нешто сосема друго.

Имено, откриено е дека самохраните мајки работат помалку домашни работи и поминуваат повеќе време во одмор и спиење од мажените мајки. И не само тоа, на самохраните мајки им успева сето тоа, не поминувајќи помалку време во грижата за децата.

Кои се овие мајки?

Во истражувањето учествувале 23.088 мајки на возраст меѓу 18 и 54 години, кои живееле со деца под 13 години. Во рамките на американската анкета за користење на времето, тие ги пријавувале своите активности во текот на претходните 24 часа во телефонско интервју со компјутерска помош.

Било споредено како мажените мајки го користат своето време во споредба со мајките кои никогаш не биле во брак, како и разведените мајки или разделените мајки.

Како е можно самохраните мајки да имаат повеќе слободно време, да спијат повеќе и да работат помалку домашни работи од мажените?

Наодите од истражувањето не можат дефинитивно да одговорат на прашањето зошто мажените мајки спијат помалку и имаат помалку слободно време. Но, авторите разгледуваат неколку можности.

Објаснувањето што го фаворизираат е дека мажените мајки се обидуваат да ја исполнат улогата на добра сопруга и добра мајка. Во хетеросексуалниот брак, жената е таа што треба да им даде приоритет на готвењето и чистењето пред своето слободно време или спиење.

Сето тоа време поминато во извршување на домашни работи наместо да се опуштат и одморат е перформанс. Тоа е начин да покажете колку сте добра сопруга и мајка. Без брачен другар дома, самохраните мајки не го чувствуваат истиот притисок.

Дали е важно тоа што самохраните мајки никогаш не биле во брак, разведени или во вонбрачна заедница?

Авторите ги споредиле мажените мајки со три различни категории самохрани мајки. Наодите биле најјасни за мајките кои никогаш не се омажиле. Нивните предности во однос на мажените мајки биле најголеми. Тие работеле помалку домашни работи од мажените мајки и поминувале повеќе време во одмор и спиење.

И разведените мајки трошат помалку време на домашни работи и повеќе спијат од мажените, но разликите биле нешто помали.

Што е со мајките што живееле во вонбрачна заедница? Тие живеат со партнер, но не се во брак и затоа веројатно го чувствуваат истиот притисок да го жртвуваат сопствениот сон и слободното време извршувајќи повеќе задачи.

Наместо заклучок

Без сопружник во домот, самохраните мајки всушност извршуваат помалку домашни работи и одвојуваат повеќе време за спиење и гледање телевизија од мажените мајки – а сето тоа поминувајќи го истото време во грижата за своите деца. Очигледно, обидот да се биде добра сопруга е исцрпувачки.

Во истражувањето, сепак, експертите предупредуваат дека нивните наоди „немаат намера да имплицираат дека на самохраните мајки им е полесно отколку на оние со партнери. Постојат многу други фактори освен домашната работа кои создаваат стрес и предизвици за самохраните мајки. А финансиски понезависните жени, без разлика на брачниот статус, можат да си дозволат да се ослободат од многу задачи што не сакаат да ги извршуваат“.

Еден од изворите на стрес кај самохраните мајки е т.н синглизам. Овие мајки и нивните деца сè уште се изложени на ризик да бидат стигматизирани и обесправени.

Кога ќе се појават вести за студии кои им пркосат на стереотипите, на самохраните мајки и на луѓето во нивниот агол им станува полесно да се спротивстават на стигмата. Дури и експертите тврдат дека е можно самохраните мајки да живеат поисполнет живот отколку ако се во брак.

Извор



912

X