Воспитување

Културно викање: Кога примитивното се нарекува „храбро“

Наметнат е стандард на дијалог според кој при конфликтите не е пожелно да се „повишува гласот“, но дали навистина можеме од луѓе што се во конфликт да бараме да ги игнорираат или максимално да ги контролираат своите емоции.

Конфликтите секојдневно се присутни во меѓучовечката комуникација, без оглед дали станува збор за работното место или приватната сфера. Сите оние ситуации при кои едно лице го изразува своето барање другото лице да се однесува на определен начин спаѓаат во конфликти. Конфликтите може да се изразуваат на различни начини: од тоа некој да критикува одредена активност на друго лице, преку тоа да одбива нечија молба или барање, до тоа едно лице да се лути поради однесувањето на друго лице и така натаму.

Во однос на тоа околу што се појавил конфликтот меѓу вклучените лица, може да зборуваме за три интензитети на конфликт: помалку важен, средно важен и многу важен. Колку што е повеќе важен предметот за вклученото лице, толку неговата емоција ќе биде посилна. Познато е дека чувствата настануваат токму тогаш кога луѓето проценуваат дека нештото е важно, па колку што им е поважно нештото, толку и емоцијата е посилна. Тоа е принципот: поважното е посилно. Според тоа, во средните и важните конфликти, вклучените ќе доживуваат и ќе изразуваат одредени емоции, кои при најважните конфликти ќе бидат многу силни.

Немој да ми викаш

Од друга страна, се наметнува стандард на културен дијалог според кој при конфликтите не е пожелно да се „подига гласот“. Тоа често се изразува како: „Немој да ми викаш!“ или „Со кое право ми викаш!“ Дали тоа значи дека секој човек што сака да биде културен својот гнев и забелешки треба да ги изразува со смирен глас? Дали навистина можеме од луѓето што се во конфликт да бараме да ги игнорираат или максимално да ги контролираат своите емоции?

Ставот што нам ни е близок е дека не е толку важно колку некој е возбуден при некаков конфликт и дали зборува енергично, со повишен тон или можеби вика, колку што е важно што изговара во таква состојба. Без оглед колку се возбудени, луѓето можат да ги избираат своите зборови и така да останат во рамките на културен дијалог. За жал, кај нас ситуацијата е таква што луѓето ги земаат своите силни емоции како оправдување за изречените пцости, етикети, навреди и закани со насилство. Сведоци сме на ниска култура на јавен дијалог во конфликтите, без оглед дали тие се случуваат на улица, на пазар, во медиумите или во политичкиот говор.

Спротивно на поимот „културно“ е поимот „примитивно“. Примитивно има значење на основна, сурова состојба, она што прво настанало, што е необработено. Културно има значење на она што е негувано, обработено, чувано. Кај нас често она што е примитивно се изедначува со она што е автентично, спонтано и храбро, а културното со она што е извештачено и неавтентично. Малото дете функционира на еден првобитен, примитивен начин, а потоа родителите го негуваат, го воспитуваат да стане социјализирано и културно. Тоа се однесува и на разбирањето на конфликтите, изразувањето емоции и културата на дијалогот.

Културната личност влегува во конфликт секогаш од позиција на самопочит и почит кон другиот. Таа разбира дека нејзина цел е другата личност да го промени однесувањето, и затоа во своите изјави секогаш цели кон неприфатливото однесување на другиот, не напаѓајќи ја неговата личност. Таа добро знае дека конфликтот секогаш е конфронтација на желби, а не конфронтација на личности. Затоа никогаш не го навредува другиот, не упатува етикети, не пцуе, не се заканува со насилство и слично. Таа добро знае дека нејзиното чувство е лутината, а лутината секогаш е насочена кон промена на однесувањето на другото лице. Кога е така, изразувањето на возбудата со повишување на гласот не е негација на културниот дијалог. Тоа е она што го нарекуваме „културно викање“.

Без пцости и навреди

Предуслов за културно влегување во конфликт е разликување на другиот како личност од неговото однесување, идејата што ја застапува, аргументите што ги дава, желбата што ја изразува. Луѓето што не го разликуваат тоа не можат да ги разберат конфликтите. Изедначувајќи го своето однесување, тие не разбираат што сакаат другите од нив, бидејќи секој конфликт го доживуваат како напад врз нив, како знак на туѓо непочитување, презир или омраза. А кога така го доживуваат конфликтот, тие одговараат со истите емоции, така што навредуваат, пцујат, се закануваат, па дури и стануваат физички насилни.

Дали некој во конфликтни ситуации реагира примитивно или културно е многу важен податок, без разлика дали тоа да е личност со која се влегува во врска или личност со која се заснова работен однос. Бидејќи покрај љубовта, меѓу родителите и децата мора да постојат и конфликти, родителите мора да го научат детето и тогаш да биде културно: „Имаш право да се лутиш, но тоа мора да го изразиш со почитување, без пцости и навреди“. Под услов и самите да го прават тоа.

Автор: Зоран Миливоевиќ

Поврзани написи

To top