Треба да се знае дека кучето не го создава карактерот од раѓање, туку ние му го создаваме. Кучето не се прави себеси куче за борба, не се раѓа како куче-борец. Исто како луѓето – не се раѓаме како каратисти или боксери. Треба да тренира, да се школува, вели Бранко Тасевски, интернационален кинолошки судија

Кучето не се раѓа агресивно, како што човекот не се раѓа како боксер. Но, не можеме да ги клоцаме и да ги тепаме, а да бараме љубов од нив, вели Бранко Тасевски, претседател на Кинолошкото друштво „Битола“, член на стручниот совет на Кинолошкиот сојуз на Македонија и интернационален кинолошки судија.

Бранко Тасесвки, кој повеќе од 40 години одгледува шарпланинци

Сепак, често се случува кучето да нападне (и дете и возрасен човек), а некогаш последиците да бидат тешки, дури и фатални. Валентина Митревска од Скопје пред неколку години била очевидец кога кучето на соседот гризнало мало дете.

– Соседите го чуваа кучето долго време, но не го чуваа од малечко. И сите знаевме дека знае понекогаш да биде нервозно, особено кога јаде. Во дворот влегоа други, подалечни соседи, мајка и тригодишно дете. Мајката му даде храна на кучето, а детенцето стоеше зад кучето и го фати за опашката. Кучето се сврте и за миг го гризна детето, но веднаш го пушти. Со сопственикот веднаш го качивме кучето во автомобил и го однесовме во Ветеринарната амбуланта во „Автокоманда“ за да се направат сите проверки и потоа беше на опсервација одреден период. Така налагаше процедурата. Родителите го однесоа детенцето на лекар за да прими тетанус. За среќа, сè заврши добро – раскажува Митревска.

Кога кучето напаѓа, кога дава знаци дека не сака да го чепкаат? На што треба родителите најмногу да обрнат внимание?

Според Тасевски, кучињата најчесто напаѓаат кога околу нив има женка за парење. Тогаш се собира глутница која ја следи женката зашто таа одбира со кого ќе се пари.
– Тие не знаат дека таа веќе одбрала мажјак. Тука може да се создаде агресија. Мажјаците го доживуваат како закана секое друго битие. Има и друг фактор. Кучињата чувствуваат кој се плаши од нив – објаснува Тасевски.

Тој повеќе од 40 години одгледува шарпланинци и е еден од најстарите одгледувачи на оваа раса на просторите на поранешна Југославија. Вели дека и во неговата одгледувачница се случило да поминат секакви луѓе, а ниту едно куче да не се вознемири. Ќе дојде еден човек – сите бурно реагираат.

Кучето не се раѓа агресивно

– Има некој мирис што тие го чувствуваат. Се разбира дека кучето ќе реагира ако го згазнете, ако го го удирате. Само на тие работи треба да се внимава. Ништо друго не може да ве стави во опасност. Јас ги хранам, им давам месо, коски, дури им ја пикам раката в уста и ќе им го извадам јадењето. Кучињата не реагираат, ниту ‘ржат. Најважно од сè е како го воспитувате кучето од малечко. Ако го оставите да прави што сака, нормално е дека ќе се однесува како што сака. Кога е малечко, мисли дека ќе му ја земете храната. Затоа се тука возрасните, да му дадат јадење од рака, да сфати кученцето дека треба да има доверба и дека нема потреба да покажува агресија – објаснува Тасевски.

Треба да се знае дека кучето не го создава карактерот од раѓање, туку ние му го создаваме

Тој е дециден дека кучето не се раѓа агресивно. Може расата да има генски предиспозиции да биде агресивна, но ако кучето е чувано и социјализирано како што треба, никогаш нема да има проблем.
– Сум чувал толку многу кучиња – во моментот имам околу 30. Тие живеат во група, си имаат хиерархија. Никогаш немало проблем. Сè зависи од тоа како ги чуваме. Не можеме да бараме љубов од нив, а да ги клоцаме и да ги тепаме. Треба да се знае дека кучето не го создава карактерот од раѓање, туку ние му го создаваме. Кучето не се прави себеси куче за борба, не се раѓа како куче-борец. Исто како луѓето – не се раѓаме како каратисти или боксери. Треба да тренира, да се школува. Ако се работи со секое кученце, нема потреба да се плашиме за нашите деца и за нас – објаснува Тасевски.

Кучињата покажуваат агресија во периодот кога се парат

Според него, сите раси, и куче земено од улица, можат да бидат прекрасни со деца. Особено ги советува младите парови кои сè уште немаат деца, а размислуваат да земат миленик, да имаат предвид што ќе прават со кучето кога ќе се роди бебе.
– Дотогаш го чувале кученцето дома, се навикнале на него, тоа се навикнало на нив. Кога ќе дојде време да имаат бебе, многу родители се плашат, па го фрлаат кучето надвор. Сосема погрешно. Кога има нов член на семејството, се јавува љубомора кај многу кучиња. Тогаш треба многу да се внимава, да се види како реагира кученцето на бебето. Родителите треба да го навикнат на новиот член на семејството. Тогаш нема да има љубомора или агресија кон бебето – вели Тасевски.

Исклучително е важно кучето да биде „третирано“ како што треба – да се вакцинира, да се штити од надворешни паразити, од болви и крлежи. Особено внатрешните паразити се многу штетни за нас, луѓето, на пример, ехинококот и други.

Научете ги децата да не ги малтретираат кучињата – тие не се играчки

Помалите деца често ги доживуваат кучињата како играчки – играат со нив како да се кукли, ги возат во колички за кукли. Сепак, постои граница кога кучињата веќе не сакаат да си играат. Тасевски вели дека тогаш кучето дава знаци, се трга, бега, не сака веќе да игра.

– Кога кучето е малечко, не е добро да се крева, да се малтретира – тоа му пречи и во развојот. Ако ги оставите децата да го малтретираат, може да се случи да стане нервозно, да сака да ги гризне, а исто би се однесувала и мачката. Детето да не го влече за опашката, ако го крева и му за’ржи, веднаш да го спушти. Како и секој човек, така и животните не сакаат некој премногу да им досадува. Но, ако паралелно си растат и детето и кученцето, тие се навикнуваат еден на друг и никогаш нема да имаат проблеми – вели Тасевски.



912

X