Крвавењето од носот е честа појава кај децата од 3 до 10-годишна возраст и најчесто е предизвикано од чепкање на носот или од сув воздух. Честопати сликата е страшна, но ретко проблемот е алармантен. Крвавењето најчесто прекинува само и во домашни услови.
Што да правиме при крвавење од носот?
– Останете смирени и смирете го вашето дете.
– Седнете го исправено, со потпрен грб или во вашиот скут. Навалете му ја главата благо нанапред.
– Не наведнувајте ја главата наназад. Ова може да предизвика крвта да се слее во грлото, што ќе предизвика лош вкус и гадење, кашлање и повраќање.
– Притиснете со вашите прсти на коренот на носот и на средишниот дел и одржувајте константен притисок 5-10 минути. Доколку престанете порано, крвавењето може да се повтори.
– Врвот на носот треба да биде слободен и само нежно бришете го од крвта.
– Откако ќе престане крварењето, оставете го детето да се одмори и забранете му во текот на денот да чепка во носето, да дува низ нос, да го трие носот или да игра груби игри во кои може да биде изложен на повторна траума на носот.
Кога да посетите доктор?
– Кога крвавењето е често (почесто од еднаш неделно).
– Кога постои можност детето да ставило предмет во носната празнина.
– Кога детето има крвавење од минорни рани или крвави и од друго место, на пример, непцата.
– Ако неодамна детето почнало да зема некакви медикаменти.
Кога да повикате итно медицинска помош?
– Доколку крвавењето е обилно и придружено со вртоглавица и премаленост.
– Доколку крвавењето е последица на пад или удар во главата.
– Доколку крвавењето не се сопира ни по две повторувања на притисок на носот по 10 минути секое.
Типови крвавења
Најчесто е крвавењето од предните ѕидови и капилари на носот т.н. антериорно крвавење. Капиларите тука се многу мали и тенки и лесно пукаат.
Постериорното крвавење доаѓа од задните подлабоки делови на носот. Крвта тогаш се лизга надолу по грлото. Меѓутоа, децата многу ретко имаат постериорно крвавење, тоа најчесто се случува кај постарите лица што имаат висок крвен притисок или имале повреда на главата или носот.
Причини за назално крвавење
Најчеста причина за антериорно крвавење од носот е сувиот воздух. Сув или премногу затоплен воздух во просториите ги иритира и ги суши назалните мембрани и прави крусти кои чешаат и крвават доколку се чепкаат.
Настинките исто така може да предизвикаат крвавење од носот поради самата инфламација на носната слузница, како и поради повторувачките дувања на воздух низ носот.
Комбинацијата на настинка во сува зима е најчеста причина за назално крвавење.
Алергиите исто така прават проблеми, особено кога се препишани лекови деконгестиви или антихистаминици кои ја сушат носната лигавица и придонесуваат за крвавење.
Ретко крвавењето е последица на нарушување на крвната слика, коагулационите фактори, абнормална формација на крвните садови итн.
Како да превенирате
– Сечете ги кратко ноктите на децата за да превенирате повреди при чепкање во носот.
– Често користете назални спрејови или гел со морска сол, со што ќе се одржува влажноста на носната слузница.
– Користете навлажнувач на воздух во спалните соби ако воздухот е сув.
– Доколку децата спортуваат, задолжително да ја носат заштитната опрема.
И покрај превенирањето, децата сепак одвреме-навреме крвават од носот. Затоа, ако вашето дете крвави од носот, не паничете. Најчесто тоа е без последици и лесно се сопира.
912