Секој родител знае дека детето може да има милион играчки, но ако му дадете само една празна картонска кутија, ќе се забавува со часови. Сега наставниците ги искористиле тие картонски кутии за да направат фотографии од учениците и да го покажат почитувањето на физичката дистанца за време на пандемијата, а нивната креативност е на навистина на високо ниво.
Наставници во САД и од Канада смислиле начин како да ги фотографираат учениците додека тие позираат во картонски кутии – индивидуално, а потоа ги едитирале фотографиите за да создадат еден голем колаж од целото одделение. Направиле фотографии кои се дури и послатки од вообичаените.
– Поради Ковид-19, не можеме да направиме заедничка фотографија од одделението годинава. Најдобриот начин беше да најдеме големи кутии, да ги сместиме децата во нив и да креираме фотографија од одделението со запазување на физичката дистанца. Ќе ми простите за моите слаби вештини за едитирање. Ги сакам овие деца. Секој стресен момент, секое справување со непознатото, секогаш вреди за нив – напишала Кет Марш, наставник во второ одделение од училиштето „Рут Хукер“ во Селкирк Манитоба, Канада, на својот фејсбук-профил.
фотоизвор: училиште „Поватан“
Најдобриот дел е тоа што секое дете можело да ја користи својата имагинација за својата фотографија и да се забавува за време на оваа стресна училишна година.
– Моите ученици планираа како ќе се наместат и каква положба ќе имаат во кутиите. Навистина ова беше забавен проект во кој соработувавме, а и родителите беа воодушевени што најдовме алтернатива за безбедно фотографирање – рекла Марш.
Таа не била единствениот едукатор што размислувал „надвор од кутијата“ оваа година. Наставниците во Њујорк и Вирџинија ја имале истата идеја.
– Моравме да смислиме забавен начин за да ги составиме заедно нашите ученици, но воедно да ја претставиме сегашната ситуација во овие неизвесни времиња. Ова беше совршен начин за да ги надградуваме нашите спомени, силата на заедницата во нашата градинка, а воедно и да одржуваме физичка дистанца – изјавила Теми Лукас, воспитувачка во градинка во Бојс, Вирџинија.
фотоизвор: училиште „Поватан“
Во година која донесе многу неизвесности за родителите и децата, ова се одлични идеи кои помагаат да се внесе малку радост во секојдневието и нè потсетуваат дека просветните работници се навистина херои.
Автор: Мелиса Милс