Здравје

Ковид-19 го зголемува ризикот од појава на дијабетес кај децата?

Според истражувачите од Центарот за контрола и превенција на болести во САД, децата што закрепнуваат од ковид-19 се чини дека се изложени на поголем ризик за развој на дијабетес тип 1 или тип 2. Многу е тешко да се остане во тек со сè што е поврзано со ковид. Дали брзите тестови функционираат? Што значи сето ова за децата бидејќи сега се вратени на училиште?

А потоа, тука е и прашањето за долгорочните последици од ковид-19, за кои учиме сè повеќе и повеќе додека влегуваме во третата година од пандемијата. На 7 јануари 2022 година истражувачите од Центарот за контрола и превенција на болести објавиле дека децата што закрепнуваат од ковид-19 може да бидат изложени на поголем ризик за развој на дијабетес постковид. Минатите студии покажале зголемен ризик од дијабетес кај возрасните што заздравиле од ковид, а истражувањата во Европа претходно открија повисока стапка на дијагностика на дијабетес кај децата од почетокот на пандемијата.

Студијата на Центарот е пообемна од претходното истражување, опфаќајќи ги медицинските досиеја на речиси 2 милиона деца. Студијата испитала две големи бази на податоци за барања за осигурување во САД, споредувајќи го бројот на дијагнози на дијабетес кај деца под 18 години што закрепнале од ковид-19 со дијагнози кај деца на кои не им бил дијагностициран ковид-19. Студијата покажала дека иако и двете групи деца имале повисока стапка на дијагноза на дијабетес – што експертите за причина го сметаат новиот пандемски начин на живот – оние што претходно имале ковид-19, исто така, имале 166% зголемување на дијагнозите, додека оние што немале ковид имале само 30% зголемување на дијагнозите на дијабетес. Иако и двете бројки се високи, 2,6-кратното зголемување на дијагнозите на дијабетес кај децата што закрепнале од ковид е алармантно.

Истражувачите сè уште се обидуваат да ја откријат врската помеѓу дијагнозите на ковид-19 и дијагнозите за дијабетес постковид

Според студијата, врската помеѓу ковид-19 и дијабетесот е „најверојатно сложена“, што не е изненадувачки со оглед на широкиот опсег на долги симптоми на ковид што луѓето ги пријавиле.

„Ковид-19 може да доведе до дијабетес преку директен напад на клетките на панкреасот“, се вели во студијата. Во студијата, исто така, се забележува дека ковид-19 несразмерно ги погодил малцинските групи, а децата во тие групи веќе се соочуваат со поголем ризик од дијабетес тип 2 – заедно со мноштво други здравствени ризици комплицирани од пандемијата. Во моментов не е јасно дали постковид дијабетесот, особено Тип 2, ќе стане хронична состојба за децата што ќе го развијат или не.

Бидејќи се потребни поубедливи докази, Центарот ја заклучил студијата повикувајќи ги сите подобни деца од 5 години и нагоре да ја примат вакцината ако веќе не го сториле тоа. Омикронската варијанта е опишана како помалку акутна, но сепак може да доведе до долгорочни несакани ефекти кои влијаат не само врз долгорочното здравје, туку и врз финансиите, со оглед на цената што треба да се плаќа заради доживотната состојба каква што е дијабетесот.

Автор: Меги Кленси

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top