Според наставниците и образовниот кадар, солидна е крајната слика од школската година и секако од оценките
Првото онлајн-полугодие заврши, учениците се оценети за знаењето, но се поставува прашањето како пандемијата влијаеше врз оценките на основците. Како и во нормални услови, има и задоволни и незадоволни ученици, заслужени и незаслужени оценки…
Според наставниците и образовниот кадар, солидна е крајната слика од школската година и секако од оценките. Што велат нивните искуства?
Оценките не се сосема објективни
Светлана Масларевска, директорка на Основното училиште „Коле Неделковски“ во Центар, вели дека за разлика од минатата година, кога бевме затечени од целата ситуација во однос на пандемијата и кога се снаоѓавме на различни начини за реализација на наставата и оценувањето, во оваа учебна година и реализацијата на наставата и оценувањето се организирани и поедноставни преку „Тимс“.
– Добиените оценки се врз основа на покажаниот успех од реализирани тестови, активности на час, усни одговори и реализација на домашни задачи. За реалност во оценувањето, никогаш не може да се каже дека е 100 отсто реално затоа што наставниците се секогаш со доза на попустливост. Особено сега оценките што се добиени преку онлајн-наставата не се сосема објективни затоа што писмените се работат од дома. Тоа на децата им остава простор за помош. Секако дека наставата со физичко присуство дава подобри резултати и пореални оценки. Едно е важно за сите нас, а тоа е учениците да ни се вратат здрави што поскоро во училишните клупи – вели директорката.
Оценките имаат пад надолу
И одделенската наставничка Наташа Талеска вели дека ова полугодие завршува во една доста солидна слика земајќи ја предвид пандемијата, која е во полн ек.
– Најпрво сакам да кажам дека системот по кој се реализираше онлајн-наставата (апликацијата teams), стана дел од нас, прифатен од нас, наставниците, а и од учениците. Сите учевме заедно, со повеќе обиди и грешки, но мислам дека сме успешни во секој поглед. Онлајн-наставата ја поздравувам со целото свое срце. Се надевам дека ќе остане и кога ќе заврши пандемијата (во смисла на реализирање проекти, консултации со наставници, дополнителни задачи – сè во интерес на ученикот). Таа им даде голема предност и на наставниците и на учениците – вели Талеска.
Според неа, пандемијата има различно влијание врз оценките на учениците. Особено кај оние што нереално ја сфатија онлајн-наставата на почетокот, несоодветниот интернет во домовите, па и во училиштата, несериозноста дека и овој вид учење бара одговорност, исполнителност, редовно учење и проверки.
– Оценките имаа доста голема разлика (со пад надолу) поради сите погоре наведени причини. Всушност, на учениците им требаше време да сфатат дека ова онлајн-учење е реалност. Но, веќе сме на крајот од првото полугодие и мислам свеста, па и успешноста расте. Наставниците беа упорни со нивната умешност и подготвеност. Со различни начини, техники и постапки ги реализираа проверките кај учениците, па така намален е и поимот „ќе препишувам“ – не морам да учам. Наставниците се свесни за знаењата на секој ученик. На крајот на краиштата, за секое двоумење може да се договори средба со физичко присуство за потврда на знаењето. Од мој аспект, реалноста на оценката ќе ја оставиме да се докаже и има време за тоа. Секој недостиг од ненаучено градиво, за жал, остава една голема „празна дупка“. А ученикот треба со време да стане свесен дека колку учи, толку и ќе знае. Го порачувам ова и како родител и како наставник – додава Талеска.
Релативна е реалноста на оценките
Марија Костовска, наставничка по македонски јазик во Блаже Конески, Аеродром, вели дека е задоволна како завршува ова полугодие и од резултатите на учениците.
– Пред сè, децата, односно учениците се многу свесни за состојбата во која се наоѓаме и за самата пандемија. Со оглед на околностите во кои се изведува наставата, јас сум многу задоволна од ова полугодие, но исто така и од активноста на учениците во целокупната настава. Нашата цел како наставници не беше да бидеме само предавачи на материјалот што требаше да го совладаат, туку да бидеме и педагози во вистинска смисла на зборот. Да советуваме, да бидеме емпатични и да им дадеме поддршка на сите ученици. Учениците одлично се снаоѓаат и заедно со нив успешно ја реализираме онлајн-наставата. За реалноста на оценките не би зборувала многу зашто е релативна, но крајниот исход за првото полугодие е повеќе од задоволувачки – вели Марија.
На крајот сепак успешно полугодие
И Радмила Илиева-Стојановска, наставник по македонски јазик и литература во Основното училиште „Коле Неделковски“ во Центар, вели дека новиот начин на настава во нивното училиште е реализиран во успешна временска рамка.
– Можам со сигурност да кажам дека овој тип на настава е приближно ист како наставата со физичко присуство. Што се однесува до негативните страни на наставата на далечина, може да се спомене техничкиот проблем. Но, сепак, со заеднички сили, чекор по чекор, го завршуваме првото полугодие. Наставниците дадоа поддршка и следење на учениците при реализација на наставата. На моите часови вклучени се учениците во оценувањето и заемното оценување. Заради учење едни од други. Повратната информација при учењето од далечина е особено значајна за да се одржат мотивацијата и континуитетот во учењето. Во секој случај реализацијата на целиот образовен процес се одвива непрекинато. Но, секогаш можеме да бидеме подобри. За подобрување на оценките учениците го имаат и второто полугодие. Ние, наставниците, ги почитуваме учениците, воспитувајќи ги да бидат најдобра верзија од себеси – вели Илиева-Стојановска.
912