Истражувањата покажуваат дека од 2015 година, употребата на мобилни екрани кај деца до 4-годишна возраст е зголемена, а од почетокот на пандемијата тој број се зголеми уште повеќе.

Поради оваа појава, научниците од Универзитетот „Бирбек“ во Лондон одлучиле да ги истражат сите последици од поинтензивното поминување на времето на мобилни телефони, таблети и пред ТВ-екраните врз децата.

Нивното истражување покажало дека на децата што поминуваат повеќе време пред екраните им треба повеќе време за да избегнат дистракција обидувајќи се да решат задача на таблетот отколку нивните врсници што поминуваат помалку време пред екраните. Откриле и дека децата што поминуваат повеќе време пред екраните имаат побрзи реакции на ненадејни предмети што се појавуваат на таблетите.

– Мобилните екрани се составен дел од семејниот живот, но и нешто околу кое родителите многу се грижат иако не постојат вистински докази што би ги поткрепиле нивните стравови. Затоа, одлучивме да го испитаме влијанието на екранот врз когнитивниот развој во раното детство – вели Ана Португал, која го водела истражувањето.

Што покажало истражувањето?

Истражувањето, објавено во „Њу сајантифик рипортс“, следело 40 деца на возраст до 3,5 години во период од 12 месеци и влијанието на екранот врз нивниот когнитивен развој.

Родителите ги известиле научниците за времето што децата го поминувале пред екраните, а децата потоа биле класифицирани во две групи: една група на деца што користат многу екрани и друга група на деца што користат малку екрани. За време на истражувањето, и по класификацијата на кандидатите, на децата им била прикажана слика на компјутерскиот екран. Биле надгледувани движењата на нивните јаболчници како одговор на стимулацијата на екранот.

Во зависност од брзината и фреквенцијата на движење на објектот, научниците можеле да заклучат дали децата реагирале автоматски на стимулација или со доброволно учество и следење. Тие, исто така, биле во можност да забележат дали децата подобро реагираат на надворешни или на внатрешни фактори.

Резултатите покажале дека децата што поминале многу време пред екраните имаат побрзи рефлекси за стимулирање на одвлекувањето на вниманието, но истовремено имаат помала контрола врз тоа што гледаат и колку гледаат.

– Не можеме да кажеме дека времето поминато пред екраните предизвикува дефицит на внимание и слаб фокус, како и дека децата со одреден профил се повеќе привлечени од екраните – објаснува Португал.

Што им кажува ова на родителите?

Во крајните резултати од ова истражување излегло дека децата што поминуваат повеќе време пред екраните се подложни на расеаност, но експертите велат дека родителите не треба да се грижат за тоа. Истражувањето не покажало дека употребата на екраните на толку рана возраст предизвикува дефицит на внимание и слаб фокус, само покажало дека постои одредена корелација помеѓу времето поминато пред екраните и фокусот.

Зошто не е толку лошо како што изгледа?

Вообичаено е мислењето дека детето склоно кон расеаност не може да се фокусира на исполнување на една задача, туку дека неговото внимание го расејува првата интересна активност или нешто што се појавува. Се разбира, ова е голем предизвик кога родител со дете се обидува да заврши некоја училишна задача или кога се обидува да го научи да ги врзува врвките.

Бидејќи денес сме опкружени со интернет и екрани и тие се вградени во секој сегмент од нашите животи, ретко која професија може да функционира без екрани. Овие експерти истакнуваат дека има и придобивки од олеснетото одвлекување на вниманието од ненадејни елементи, особено кога станува збор за некои занимања, како што се контролори на летови или неврохирурзи, кои ја следат целата операција на пациентот преку екранот. Во такви занимања, предност е да се забележи каква било стимулација отстрана, што таквите деца можат многу брзо да ја забележат затоа што едноставно им го одвлекува вниманието.

Како да им помогнеме на децата да го задржат своето внимание кога е потребно?

И покрај потенцијалната корист од олеснетото одвлекување на вниманието, постојат моменти во животот кога фокусот е многу важен. Еве неколку совети за тоа како да вежбате внимание и фокусираност со вашето дете:

– Играње со мали играчки. Поттикнете го детето да гради работи со ситни коцки, поттикнете и охрабрете игра што на некој начин го принудува детето да остане подолго време на едно место.

– Дајте му боенка. Најдете боенка со интересни ликови, побарајте од детето да ги бои и охрабрете го да биде што попрецизно.


– Седете на едно место. Измислете игра во која, под некој изговор, ќе измерите колку долго вашето дете може да седи на едно место.


– Правете му друштво. Многу деца се мачат самостојно да ги извршуваат задачите. Ако треба да се фокусираат, седнете со нив додека не го завршат она што почнале.


– Дајте му пауза. Кога со детето треба да завршите некој задача, секогаш давајте му време за пауза кога ќе може да стане, да се раздвижи и да се напие вода.

На крајот од истражувањето, истражувачите признале дека истражувањето во оваа област сè уште е во зачеток.

– Треба да прифатиме дека науката штотуку почна да ја решава врската помеѓу времето поминато пред екран и развојот на детето, така што сè уште со сигурност не можеме да ги утврдиме ниту предностите ниту недостатоците, а постојат и други прашања што треба да се одговорат – вели Португал.

Извор



912

X