Сеедно дали се на училиште, на тренинг, на натпревар или едноставно додека си играат, децата и тинејџерите постојано се споредуваат меѓу себе – понекогаш повеќе, понекогаш помалку, понекогаш дури и доброволно, непоттикнати од никого. За некои ова претставува добредојдена мотивација, додека други чувствуваат притисок. Дали конкуренцијата е добра за децата? Дали децата треба да се натпреваруваат меѓу себе? И во колкава мера треба да го прават тоа?
„Мојата кула од коцки е повисока од твојата!“ „Тато, стигнав до колата побрзо од брат ми!“, „Добив подобра оценка од другар ми!“ Овие и слични извици на деца покажуваат дека децата и тинејџерите се споредуваат меѓу себе. Ваквиот натпревар го почнуваат уште од градинка, го продолжуваат на училиште, но и дома. Дали постојаното натпреварување има позитивен ефект? Дали тоа им ја зголемува мотивацијата или им штети на нивните односи?
Најдобри меѓу најдобрите?
Како постојаната меѓусебна конкуренција влијае врз однесувањето на младите луѓе? Замислете една несекојдневна ситуација – на најдобрите 15 проценти од учениците во едно училиште да им е загарантирана стипендија, односно место на универзитет без да мора да полагаат задолжителен приемен испит. Оваа одлука би се базирала не само на резултатите од годишниот тест, туку и на постигнувањата од последните две учебни години. Тоа значи дека учениците ставени во ваква ситуација би биле под постојан притисок!
Од тие причини постојаната конкуренција во овој случај не само што го менува однесувањето на учениците, туку влијае и врз идниот развој на нивната личност. Само со мала промена на правилата, на пример, рангирањето на најдобрите ученици да се одредува не во рамките на своето училиште, туку во рамките на сите училишта во одреден регион. Ова би го намалило меѓусебниот притисок во училиштата, при што мотото би било „Ние заедно против другите“ наместо „Јас против моите соученици“.
Соодветна конкуренција
Освен формалните меѓусебни натпревари на учениците, и помладите деца се соочуваат со конкуренција, на пример, додека играат. Децата на помала возраст сè уште не се способни добро да го менаџираат сопствениот неуспех: за едно тригодишно дете, на пример, фрустрирачки е да заврши последно во играта и да не добие награда особено ако тоа се потрудило најдобро што можело. Почнувајќи од четиригодишна возраст, децата можат полесно да разберат дека во игрите и натпреварите постојат победници и поразени. Поголемите деца, од друга страна, понекогаш се мотивирани да дадат сѐ од себе само од помислата за потенцијален пораз.

Што можат да направат родителите и наставниците?
Опасно е кога во натпреварувањето победата станува норматив и императив. Ако децата уште од мали развијат чувство дека добиваат признание и награда само во случај на победа, нивната самодоверба се нарушува. Затоа натпреварувачките ситуации помеѓу децата мора да бидат исклучително фер и предизвикувачки, но не и преоптоварувачки. Исто така, важно е родителите и наставниците да им помогнат на децата да се справат со поразите што ги доживеале на натпреварите. Тие треба да ги научат децата да поднесуваат пораз, едноставно не е можно секогаш да победуваат. Треба да им нагласат дека победата не е цел сама по себе, односно дека не е важна само победата, туку и нивниот ангажман и фактот дека го надминале предизвикот. Дополнително треба да им објаснат дека неуспесите се неделив дел од животот. Признание треба да им се даде без оглед на исходот – на пример, за храброста што ја покажало детето со учеството на натпреварот, односно за неговиот видливо вложен напор.
Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност