Бременоста носи многу промени во различни области. Девет месеци постојани промени и период во кој можеме да очекуваме секакви работи, а можат да се појават и разни компликации. Поголемиот дел од нив едноставно се повлекуваат по бременоста, исчезнуваат, се „поправаат“ и забораваме на нив.
Сепак, некои од овие проблеми и тешкотии се враќаат подоцна, без да ги поврземе со бременоста. Во последниве години има сè повеќе докази за ова. Експертите сега веруваат дека бременоста може да даде увид во идното здравје на жената и да обезбеди вредни информации за нејзиниот долгорочен ризик од срцеви заболувања, дијабетес, мозочен удар и други кардиоваскуларни состојби.
Земањето предвид на овие факти би можело да направи важна разлика во здравствената заштита на жените. Токму компликациите за време на бременоста би можеле да бидат клучна ставка, што би можело да биде шанса за спречување болести подоцна во животот.
Врската помеѓу неколку чести компликации од бременоста и кардиоваскуларното или метаболичкото здравје подоцна во животот е значајна, велат експертите. Жените што развиваат хипертензивни нарушувања за време на бременоста, вклучувајќи прееклампсија и висок крвен притисок, имаат зголемен ризик од речиси секоја кардиоваскуларна здравствена состојба, вклучувајќи хроничен висок крвен притисок, коронарна срцева болест, срцева слабост и мозочен удар, според неколку големи студии.

Зголемен ризик
Студија на клиниката „Мајо“ објавена минатата година покажала дека овие жени имаат поголема веројатност да развијат коронарна срцева болест во просек седум години порано од жените што немале такви проблеми за време на бременоста. Тие, исто така, имаат двојно поголем ризик од срцев удар кој не е предизвикан од блокада на главна артерија. Жените со дијагностициран гестациски дијабетес имаат околу 10 пати поголема веројатност да добијат дијабетес тип 2 отколку жените без историја на гестациски дијабетес, кој е поврзан со срцеви заболувања, мозочен удар и деменција.
Но, не е јасно што е причината, што е последицата, а што е само индикатор. Експертите сè уште се обидуваат да утврдат дали компликациите во бременоста предизвикуваат разни кардиоваскуларни и метаболички проблеми подоцна во животот или едноставно откриваат предиспозиција. Некои веруваат дека е можна комбинација од двете.
Сега многумина веруваат дека компликациите во бременоста мора да се земат предвид, заедно со начинот на живот и семејната историја. Во секој случај, не е лошо да се имаат предвид сите компликации што жената ги имала во текот на бременоста и многу подолго време по завршувањето.