Маски на час не носат бидејќи седат на растојание од 1,5 метар, но мора да носат маски кога одат до тоалет и низ ходниците

Комбинирана настава во школо и дома, поделени паралелки најмногу со 10 ученици во одделение, сите влегуваат во школото низ посебни влезови. Основните училишта во Минхен се затворија приближно во исто време како и училиштата во Македонија, но децата се вратија во клупите кон средината на мај. Пандемијата на Ковид-19 ја зафати и една од најразвиените земји во Европа. Како Германија се справи со проблемот и ја организира наставата во пониските одделенија, ни објаснува И.А. од Скопје. Таа веќе осум години живее во оваа земја, а последните две години е во Минхен. Нејзината ќерка е прваче.

Извор: Youtube

– Во Минхен училиштата се затворија на почетокот од март, но некои од нив беа отворени до подоцна. Причината за затворањето беше позитивни случаи на Ковид-19 како кај учителки така и кај деца – раскажуваа И.А.

Таа вели дека учењето од дома било изненадувачки добро организирано и од страна на училиштата и од страна на родителските совети, преку кои сите родители биле вклучени во разни проекти. Така децата биле анимирани во текот на тешкиот период во кој биле принудени да седат дома.

– Додека беа затворени, на веб-страниците на секое училиште имаше материјал за учење и вежбање за секое одделение, родителите ги печатеа материјалите за децата да учат од нив, имаше онлајн-страница за читање книги каде што учителките направија лични профили за секое дете и следеа колку децата читаат. Преку апликацијата „Мајкрософт тимс“ учениците имаа онлајн-часови со учителките два пати во неделата. Писмените материјали од домашните работи децата им ги предадоа на учителките кога се вратија на настава – објаснува И.А.

Редовната настава за децата од 1. до 4. одделение почнала на 18 мај. Наставата е доста скратена, но нашата соговорничка вели дека нема ни потреба да останат подолго во училиште бидејќи поголемиот дел од материјалот за оваа година децата го научиле додека биле дома. Одделенијата се поделени на две смени – 1. и 4. одделение одат заедно од 8 до 10:30 часот, а 2. и 3. одделение од 11 до 13:30 часот. Секое одделение е поделено на 3 дела, по 8 до 10 деца во различни училници, во кои учителките предаваат 1 или 2 предмета паралелно, па се менуваат, така што секоја учителка успева да влезе кај секое одделение. Секоја втора недела децата учат од дома со материјали кои се оставени на веб-страницата на училиштето и онлајн-часовите со класниот раководител.

Извор: Youtube

– Маските се задолжителни за секое дете. Влез за родители е забранет, секое одделение е на различен дел од училиштето и влегуваат од различни влезови. Маски на час не носат бидејќи седат на растојание од 1,5 метар, но мора да носат маски кога одат до тоалет и низ ходниците. Миење на рацете со сапун 30 секунди е задолжително при секое влегување во училница. Близок контакт немаат бидејќи не е дозволено собирање во групи и кратките одмори што ги имаат за ужина ги поминуваат во училница под надзор на класниот раководител – раскажува И.А.

Таа вели дека ова било тешко искуство за сите, без разлика на кој дел од светот се наоѓаат. За среќа, живеат во една од најорганизираните земји, па колку и да е тешко, со добра организација и дисциплина деновите полесно поминуваат.

Извор: Youtube

– Конкретно за нас, најтежок беше почетниот период кога нè ставија сите во карантин со недели за да се спречи ширењето на вирусот и кога поради позитивни случаи во нашето училиште, моравме да ги носиме децата на тестирање и да ги изолираме 14 дена без никаков контакт со други лица. За наша среќа, немавме позитивни случаи дома, па останатото слободно време го користевме за шетање во природа – вели И.А.

Неделава завршува редовната учебна година во училиштата во Германија. На прашањето дали имаат најава како ќе се одвива образовниот процес во новата учебна година, таа вели:
– Сѐ уште немаме никакви информации како би продолжила наставата од септември. Сѐ зависи од ситуацијата со Ковид-19 во текот на летото. Се надеваме дека новата училишна година ќе им почне нормално и ќе биде подобро од старава што завршува.



912

X