Воспитување

Колумна: Сок од портокал

Секоја недела од пазар се купуваат намирници за дома. Зелка, сирење, компир, кромид, мирудии… Нашето мало девојче најмногу се радува на портокалите и другото овошје. Знае дека од нив правиме сок само за неа. Рецептот е едноставен. Еден портокал, две мандарини, малку калинка или цвекло (колку да добие боја) и половина литар вода. Намирнициве внимателно се подготвуваат под надзор на малите очиња, се ставаат во блендер и се прецедува сокот. Тоа е сѐ. Понатаму следува трчање во кругови, бескрајна игра и менување пелени на секои два часа. Животот моментално ни е како сок од портокал, мила моја. Сладок, ненаситен и полн со енергија. Понекогаш ко за беља добиваме лимон наместо портокал. Но ќе научиме да правиме и лимонада, има време за неа. Сѐ што ти треба се неколку лимони, многу шеќер и неколку грама љубов.

Колумниве беа доста читани додека пишував за општествени теми. Ама некако не ги сака повеќе читателот душевниве кравајчиња како оние на Братислав Димитров. Абе жедни се луѓево за политики, препукувања и иритации. Како жедни гости кои го чекаат домаќинот да наздрави за и тие да ја кренат чашата. Еве го тинтрам и овој текст, го гледам, го средувам за да личи на нешто, да оддава топлина и милост. Да се препознаат родители, баби, дедовци и чичковци. Да се замислат оние што со добра мисла очекуваат новина. Што ги чека. Како ќе се снајдат. Како ќе успеат да изградат личност која треба да придонесе за подобро општество. И ја пуштам колумнава како што треба да ги пуштиме најмилите по белиот свет. Како ќе помине, си велиш, како ќе ја прифатат? Ќе ти кажам само едно… Вистината е патот. Можеби помладите генерации нема да бидат истоварени како парталав сезонски работник сред центар, да влечат трупци низ планините, да тргаат перипетии. Но животот и новите времиња ќе најдат нови начини за јадеж. Најважни се достоинството, вистината и семејството. Сме поминале ние, ќе поминат и тие. Некои лижеле отворени рани, други леб и мармалад. За кого како. Југословенскиот социјалистички систем како да не им навел грижи на поранешните генерации, нашите родители родени во 50/60-тите, дека капитализмот кога тогаш ќе им залепи шлаканица. Некои ја прогледаа иднината низ прсти, се подготвија за времето што доаѓа. Поголемиот дел ја чешаат и таа малку коса што им останала на главата играјќи шах, карти или дремејќи по градските клупи додека нивните најмили ‘рмбаат по светот. И само што си се свртел, избегаа шаховските фигури, картите ги беше издувал ветерот и времето летнало заедно со нив. Ние што останавме ќе се потрудиме повеќе учејќи на туѓите грешки, а вие што доаѓате да учите од нашите. Светот продолжува понатаму, мајките станаа претприемачи, менаџери, програмери додека се бркаат со кабелот на правосмукалката по дома, бришат прашина, претураат алишта од перална во сушница. Пијат кафе стоејќи додека се дерат: „НЕ ПИКАЈ ГО ПРСТОТ ВО ШТЕКЕРОТ!!!” Едвај наоѓајќи и самите малку време за себе. Татковците се друга приказна. Работат една работа (официјално). Од друга страна, подготвуваат буџет за возачка Ц категорија, дозволи за оружје (да го исплашат идниот зет), привремена хортикултура, ботаника и малку астрологија со бели и црни мечки.

Ти ја оставам колумнава и на тебе, мило мое. Ќе дојдат новите времиња, а со нив и новите проблеми. Да прочиташ што ти напишал твојот „тати”. Секогаш да си останеш своја, цели да бидеш подобра заедно со цела твоја генерација од сите нас! Носи милост како што си го носиш името без разлика дали некој те повредил или навредил. И тогаш кога ѓаволот ќе ја однесе шегата, да се вратиш и да го отепаш од ќотек!

Животот е како сок од портокал, Мила. Ама понекогаш, ко за беља, добиваме лимон наместо портокал. Но ќе научиме да правиме и лимонада, има време за неа. Сѐ што ти треба се неколку лимони, многу шеќер и неколку грама љубов.

Автор: Александар Ганчевски, дипл. економист

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top