Бременоста е посебен период во животот на жената, исполнет со неизмерна среќа, но и промени и предизвици. Покрај важноста на тоа бремените жени да бидат умерено физички активни (кога нивната здравствена состојба го дозволува тоа) и да се хранат здраво, многу е важно и да пијат доволно вода.

Важноста на хидратацијата во бременоста

Хидратацијата е многу важна за одржување здрава бременост. Поради многубројните промени што се случуваат во телото во овој период, сосема е сигурно дека ќе забележите дека сте жедни почесто од вообичаено, особено во раната бременост. Во тој период се формира плодовата вода, се зголемува количината на крв во крвотокот, а водата е многу важна за овие процеси.

Исто така, внесот на вода може да го намали ризикот од уринарни инфекции, како и запек, кој е чест придружник во бременоста, но и да обезбеди хранливите материи ефикасно да стигнат до бебето во стомакот, објаснува диететичарката Џејми Адамс.
Дехидратацијата, од друга страна, може да доведе до намалено количество на плодова вода, што може да предизвика некои компликации, како предвремено породување.

Колку вода треба да пие трудницата?

Препораката за количеството вода што бремените жени треба да го внесуваат дневно зависи од многу фактори, како што се возраста, тежината и тоа колку жената е физички активна, како и од сезоната – факт е дека во топлите летни денови ќе ви треба повеќе вода затоа што повеќе се потите.

Сепак, општа препорака од Американскиот колеџ за акушери и гинеколози е дека бремените жени треба да консумираат меѓу осум и 12 чаши вода дневно или помеѓу 1,8 и 2,8 литри.

Знаци на дехидратација во бременоста

Препознавањето на вообичаените знаци на дехидратација во бременоста, како што е сувата уста, е важно за да се реагира навреме и да се спречат компликации. Најчестите симптоми на дехидрација во бременоста се:

-Темно обоена урина.
-Поретко мокрење: просечен човек уринира меѓу шест и девет пати на ден.
-Вртоглавица – дехидратацијата може да го намали крвниот притисок, предизвикувајќи вртоглавица.
-Брзо отчукување на срцето: недоволната количина на течност во телото придонесува за забрзана работа на срцето бидејќи телото работи понапорно за да ја циркулира крвта.
-Сува или леплива уста: укажува на намалено производство на плунка поради недостиг на течности.
-Главоболка: трудниците треба посебно да внимаваат на ова бидејќи главоболките во последното тримесечје може да бидат и симптом на прееклампсија.
-Замор, лошата хидратација доведува до чувство на замор и пад на енергијата.

Важно е трудниците да внимаваат на појавата на овие симптоми за да се спречи дехидратација. Ако некој од овие симптоми продолжи откако ќе пиете течности, побарајте лекарска помош.

Извор



912

X