Болките при раст понекогаш можат да бидат толку силни, што може да го разбудат детето од сон и, се разбира, да предизвикаат паника и кај родителот и кај детето. Колку се всушност чести и кога поминуваат?
Понекогаш се случува мало дете одеднаш да почувствува силна болка во нозете. Нема видливи повреди, отоци, црвенило, но детето неутешно плаче и се жали на силна болка во нозете. Болката може да биде толку силна, што ќе го разбуди детето од сон и таквото ноќно будење може да изгледа доста драматично.
Лекарите можеби не ја разбираат целосно болката на растот, но знаат како да ја спречат и лекуваат кога децата се мачат. На почетокот, Марина мислела дека нејзиниот син сака дополнително внимание навечер. На околу шестгодишна возраст, по неколку часа заспивање, нејзиниот син почнал да се жали на болки во нозете.
– Мислев дека му треба само дополнително внимание, но кога почна да се буди плачејќи, одлучивме да видиме за што станува збор – раскажува таа.
Околу 40 отсто од децата на возраст меѓу 3 и 12 години доживеале мускулна болка во одреден момент, но вистинските причини се непознати. Нема докази дека болката е поврзана со ненадеен раст, а моделите на раст на децата што ја доживуваат не се разликуваат од оние што не ја доживуваат. Болката може да се поврзе само со физичка активност со висок интензитет во текот на денот.
Каде чувствуваат болка?
Болката обично се опишува како чувство на пулсирање и може да се почувствува во долниот дел на нозете, задникот, предниот дел на бутовите или зад колената. Почести се во доцните попладневни и вечерни часови и можат да ги разбудат децата. Болките при раст, како што се нарекуваат, обично се чувствуваат на двете нозе.

Овие болки дефинитивно може да се ублажат, а понекогаш и да се спречат. Родителите може да се обидат да ги масираат стапалата или да ги третираат болните места со шише со топла вода или топли облоги. Вообичаено, малку топлина и блага масажа ќе ја смират болката и детето ќе заспие. Некои веруваат дека топлата бања и истегнување пред спиење, како што е кучешката положба во јога, може да помогнат да се спречи „болката при раст“.
Вежбањето можеби нема да помогне веднаш, но ако вашето дете поминува низ период на чести болки, обидете се.
Нема потреба од дополнителен внес на калиум. Иако калиумот во бананите може да помогне при некои видови мускулни грчеви, не постои докажана врска помеѓу исхраната и болката во растот.
Кога треба да бидат загрижени родителите?
Ако болката постојано ја погодува едната нога или ако има неодамнешна повреда, задолжително посетете лекар. Други знаци кои не треба да се игнорираат се куцање, црвенило, оток, модринки, исип, температура или болка која трае и наредниот ден. Болката при раст не треба да влијае врз нивото на активност на детето.
Иако го мачи и го прави детето раздразливо, болката при раст е нормална. Повеќето деца ги надминуваат на 12 или 13 години.