Здравје

Колку повалкано, толку попаметно

Следниот пат кога вашето мало дете ќе истури половина чинија грашок на себе, кога од глава до петици ќе се намачка со сосот од домати од макароните или кога ќе почне да истражува до каде може да дофрли од варената боранија, наместо да му се препуштите на нервниот слом што надоаѓа, длабоко земете воздух и сетете се на насловот на овој текст – валканите деца се попаметни од чистите!

Играњето со храната е клучно за развојот на интелигенцијата

Објаснувањето за овој феномен е релативно едноставно и до него дошле експертите од Универзитетот во Ајова кои го следеле однесувањето на 70 мали деца на возраст од 16 до 24 месеци. Во опсежното истражување тие ги следеле однесувањето, вокабуларот и темпераментот на малите додека јаделе, особено при воведување нови намирници. Сите деца седеле во високи столчиња за хранење, некои во друштво на родителите, некои сами, а на сите им биле дадени исти оброци, на пр., овесна каша, пасиран зеленчук и месо, тестенини, парчиња зеленчук и овошје…

Резултатите се интересни, но не се неочекувани. Се покажало дека децата што јадат во друштво со возрасни личности во текот на оброкот комуницираат со нив, ги именуваат намирниците, боите, облиците, вкусовите и мирисите и имаат побогат речник и подобро се изразуваат од своите врсници што јадат сами. Послаби резултати покажале и децата што подобро се служат со приборот за јадење, главно со пластична лажичка, а и оние што секојпат ги слушале родителите кога ќе им речеле: „Јади убаво и полека“, „Внимавај да не се измачкаш“, „Ни случајно не смееш да си играш со храната“…
Се покажало дека токму тоа играње со храната е клучно за развој на интелигенцијата, особено кај темпераментните и природно љубопитни деца кои сакаат да ја почувствуваат текстурата на секоја поединечна намирница, кај оние што тестираат колку е леплив залакот што не завршил во нивната уста и колку далеку може да одлета.

Поттикнувајте ги децата да јадат сами

Научниците утврдиле дека малечките што си играле со храната можат да ја поврзат кашата од јаболка со јаболкото, свежата брокула со пирето од брокули, сокот од моркови со морковот…
Тие оцениле дека децата успевале да ги поврзат бојата и мирисот на оброкот со свежите намирници, особено ако во текот на јадењето родителите го именувале тоа што се наоѓа во чинијата. Исто така, а тоа е особено важно, докажано е дека децата чии родители не им ја бришеле секоја трага од храната на устата, образите и прстите полесно ги прифаќале новите намирници затоа што не ги поврзувале со забраната, туку со нешто што им причинува задоволство.
Затоа, експертите од Универзитетот од Ајова порачуваат да ги поттикнувате децата да јадат сами, да им дозволите да си играат со храната и да ги прифатите измачканите лица и косата полна со трошки како влог во иднината. Важно е само од најрана возраст да јадете заедно со децата и да разговарате со нив, а манирите им ги всадувате во текот на растењето.

Ако не сте имале време за тоа зашто сте балансирале меѓу работата, домашните обврски и грижата за децата, во текот на ова лето најдете малку слободно време. Не брзајте ги додека јадат, оставете ги да се мачкаат и валкаат, ќе бидат поинтелигентни.

Поврзани написи

To top