Можеби и не е најдобро да им се исполнат сите детски желби и да ги затрупаме најмалите со подароци за празниците. Експертите откриваат колку подароци се премногу.
Отворањето подароци, мирисот на ролнички со цимет и свежо кафе. Божиќното утро навистина има посебна магија. Многу родители ги ценат тие моменти, дури и кога се ненаспани. Но она што децата со најголемо нетрпение го очекуваат се подароците. Секое дете сонува за куп подароци под елката, но тука се наметнува прашањето дали може да се претера со дарувањето?
Ризиците од претераното дарување
Ако сте склони да претерате со подароците, не сте единствени. Експертите се согласуваат дека оваа практика носи одредени ризици.
– Претераното дарување може да создаде проблеми – вели Марк Џозеф, основач на компанијата „Парентал куерис“.
– Тоа може да доведе до тоа децата да станат премногу насочени кон материјални работи и да развијат нереално високи очекувања кога станува збор за подароци. Освен тоа, многу деца поради тоа го губат чувството на благодарност и почнуваат да се однесуваат како да имаат право на сè.

Колку подароци се соодветни?
Одговорот зависи од повеќе фактори: од големината на семејството до буџетот.
– Размислете за вашите лични вредности и бидете реални во однос на тоа што можете да си го дозволите. Можете и да направите листа со вашето дете за тоа што го посакува и да ги одредите приоритетите врз основа на неговите интереси и вашата процена – советува д-р Елeна Џалоу, образовен психолог.
Квалитетот е поважен од квантитетот
– Кога станува збор за подароци, клучна е умереноста. Квалитетот секогаш е подобар од квантитетот. На вашето дете не му се потребни 20 подароци за да биде среќно; неколку внимателно избрани и промислени подароци се сосема доволни – додава Џозеф.
Многу родители следат различни насоки. Некои се придржуваат до „правилото на три подароци“, додека други го применуваат правилото на четири подароци: нешто што детето го сака, нешто што му е потребно, нешто за облекување и нешто за читање.
Други семејства едноставно одредуваат буџет и строго се придржуваат до него.
Поставете граници и бидете присутни
Како да одлучите што е најдобро за вашето семејство? Според д-р Џалоу, првиот чекор е поставување јасни граници. Одредете што е разумно и изводливо, направете буџет и држете се до него.