Епидемии на морбили има во повеќе околни земји, а таму има и смртни случаи. Освен деца, има и возрасни невакцинирани, или вакцинирани само со една доза, кои може да се разболат. Малите сипаници земаат животи во Србија, Босна и Херцеговина…

По нецела година од претходната епидемија на мали сипаници – морбили во дел од Скопје се случува нова, сега во Дебар. Минатата недела во Институтот за јавно здравје-ИЈЗ пријавиле за девет новозаболени од морбили на територијата на Дебар, со што бројот на заболени лица во епидемијата се зголеми на 17 случаи. Сите тие болеста си ја пренеле еден на друг, т.е. се во меѓусебна епидемиолошка врска и сите се жители на Дебар, со исклучок на една жена која е жител на Охрид, но секојдневно патува во Дебар. Колку реално е опасна новата епидемија со оглед на тоа што имаме недоволно вакцинирани деца и возрасни?
Епидемии на морбили има во повеќе околни земји, а во нив има и смртни случаи. Малите сипаници земаат животи во Србија, Босна и Херцеговина…

– Опасно е затоа што имаме многу случаи кога се избегнува вакцинацијата против мали сипаници, или МРП-вакцината (за морбили, рубеола, паротитис). Малите сипаници се шират многу брзо. Ако, на пример, се вакцинирани 90 од 100, вирусот ќе запре да се шири кај некој вакциниран. Ако имаме 30 невакцинирани, пак, ќе се шири – вели д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

И возрасни незаштитени

За да има колективен имунитет, кога вирусот нема лесно да се шири, епидемиолозите велат дека треба да се вакцинирани 95 отсто од оние што треба да примат вакцина. Минатата година првата доза од МРП што им се дава на деца со полна година ја примиле 82,6 отсто од нив. Ревакцина на шест години примиле 97 проценти.
– Во Скопје лани МРП примиле 78,5 отсто од децата. Сите незаштитени деца, како и недоволно заштитени може да се разболат. Се случува да се разболат и вакцинирани, но тогаш морбилите лесно минуваат. Не смее да се заборави и дека има возрасни и незаштитени и недоволно заштитени – вели д-р Кузмановска.

Вакцината против морбили, според податоците на ИЈЗ, почнала да се дава во 1971 година, а во 1972 година е воведена како редовна кај децата од 13-месечна возраст. Во 1983 година била воведена една доза од комбинираната МРП-вакцина (против морбили, рубеола и паротитис), исто така на 13-месечна возраст. Во 1987 била воведена ревакцина на седумгодишна возраст само со вакцина за морбили, а во 1997 година била воведена ревакцина со МРП.

– Се смета дека две дози вакцина против мали сипаници овозможуваат висок заштитен ефект кај вакцинираните лица и затоа и Светската здравствена организација препорачува најмалку две дози вакцина за заштита од заболувањето – објаснуваат епидемиолозите.
Непотполно вакцинираните што имаат примено само една доза вакцина, велат оттаму, се непотполно заштитени и можат да заболат од мали сипаници кога ќе дојдат во контакт со вирусот, односно со заболено лице.
– Се смета дека вакцинираните лица пред многу години или децении се во поголем ризик да заболат отколку лицата што примиле една доза вакцина во последните неколку години бидејќи со тек на време можно е да настане т.н. трошење, односно намалување на имунитетот, или заштитниот ефект на вакцината – додаваат оттаму.

Фото: it.wikipedia.org

Најмногу заболени постари од 20 години

Кај нас висок опфат на вакцинирани деца имало сè до појавата на антивакцинални кампањи што пропагираат дека вакцините се штетни и предизвикуваат цела низа опасни и смртоносни болести. За да се заштити населението, велат од ИЈЗ, ќе бидат повикувани за вакцинација сите невакцинирани деца. Вакцинацијата е задолжителна според закон.

Анкета на Деца.мк, на која одговорија 1.054 читатели, покажа дека една третина од родителите што ги вакцинираат децата го одложуваат примањето на вакцините, или поточно најчесто ја одложуваат првата доза од МРП. Вакцината, пишуваат родителите, не ја даваат додека детето не прооди или не прозборува. Неретко такви сугестии добивале и од лекари.

Инаку, 11 од заболените во дебарската епидемија се на возраст над 30 години, 3 лица се на возраст од 20 до 29 години, и по едно лице спаѓа во возрасните групи: од 15 до 19 години, од 1 до 4 години и под една година. Речиси еднаква е застапеноста на машкиот и на женскиот пол кај заболените.
– Од заболените за 10 лица има лабораториска потврда, а 7 се со утврдена епидемиолошка врска. За 4 лица сè уште се чекаат конечните лабораториски анализи.
Најголем број, девет од заболените, се вакцинирани со една доза, 3 лица се вакцинирани со две дози, 4 се невакцинирани, а едно лице е со непознат вакцинален статус – информираат од Институтот.

Лесно се шират, ги има во соседството

Епидемии на морбили има во најблиското наше соседство и во многу популарни дестинации за патување, како Грција, Србија, Косово, Албанија, Бугарија, Хрватска, Италија, Франција, Шпанија, Португалија и многу други европски земји.
Кога ќе нападнат сипаниците, првите знаци на инфекција обично се висока температура и симптоми на настинка, како течење на носот. По неколку дена се појавува исип, обично прво на лицето и на вратот, а потоа по телото. Малите сипаници може да се поминат многу лесно, но и да предизвикаат воспаленија и сериозни компликации, па и да бидат фатални кај организми со слаб имунитет.
Морбилите се шират преку директен контакт и по воздух, преку кашлица и кивање. Кај 20 отсто од случаите настанува воспаление на белите дробови, или морбилиозна пневмонија. Ако таа не се лекува навреме, може да се искомплицира и поради друга бактериска инфекција. Морбилите може да предизвикаат морбилиозен енцефалитис, или воспаление на мозокот.



912

X