Ако имате мало дете, веројатно низ целиот дом ви се расфрлани играчки. Но, на децата им треба многу помалку отколку што мислиме, а едно истражување открива дека четири играчки се сосема доволни.
Д-р Алексија Мец од Универзитетот во Толедо направила истражување фокусирано на деца на возраст од 18 до 30 месеци. Таа ги носела во просторија опремена со играчки и реквизити приспособени на нивната возраст, како камиончиња за ѓубре и играчки за редење.
Во една од групите, децата имале пристап до 16 играчки поставени на различни места. Тие ги земале и ги оставале набрзина, една по друга, во одреден временски период.
– Истражувањето покажа дека сето тоа се одвива толку брзо, што децата едноставно немаат време да седнат и добро да ја анализираат играчката затоа што веднаш преминуваат на следната – објаснува Мец.
Сосема поинаква била ситуацијата кога децата влегувале во соба со само четири играчки. На почетокот ги разгледувале сите, но потоа ѝ се враќале на секоја посебно, седнувале и играле многу подолго. Притоа, испробувале различни функции: ги притискале сите копчиња, ги ределе деловите, па дури започнувале и симболична игра.

Со други зборови, не само што играле подолго, туку и играта им била поквалитетна.
– Го немаше тоа чувство на итност, како да мора веднаш да проверат нешто друго. Знаеја дека ништо нема да им избега ако седат уште една минута и ја истражат играчката – додава таа.
Мец предупредува дека резултатите не можат директно да се пресликаат во реалните домови, каде што често има повеќе модерни играчки отколку класичните од истражувањето. Сепак, родителите можат да извлечат важна поука.
Не е важен бројот на играчки што ги поседува детето, туку бројот на играчки што му се достапни во даден момент.