Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две малолетни деца – 8,5-годишна ќерка и 2,9-месечниот син. Ви пишувам за синот, кој во последно време прави проблеми ако нешто не е по негово. Инаку е многу мило дете, оди во градинка, зборува сè, не носи пелени… Дури и во градинка е многу мирен и пред непознати. Проблемот е кога ќе го земам од градинка, каде што оди до 12 часот. Тогаш дома знае да им се инаети на бабите, не сака да се преслекува, да оди по нужда итн.
Случка пред некој ден во која и јас не останав смирена ме натера да ви пишувам. Имено, сака да прави работи како сестра му и сакаше да слегува по рампа адаптирана за количка која е многу стрмна. Сакаше да ја користи како лизгалка, но јас, нормално, не му дозволив и го кренав в раце за да си одиме дома (се враќаше назад кај рампата цело време). Додека го носев, ми ја корнеше косата, плачеше и даваше отпор. Му ја стегав раката, но не престануваше. Потоа го пуштив и отидов неколку чекори пред него, но тој легна на земја и сè уште плачеше. Го кренав, но тој почна уште похистерично да плаче и да дава отпор. Не останав смирена, дури и комшиите се чудеа што се случува, го немаат видено во вакво издание. Истото ми се случи и во влезот додека го чекавме лифтот – тој се спружи на скалите, не престануваше да вреска и да се лути… Најлошо е кога ќе го оставам сам во собата – фрла сè што ќе му се најде при рака.
Го плеснав неколку пати за да се смири, но тој не престануваше сè до моментот кога и јас почнав да плачам и да го стегам до мене за да го смирам.
Истото се случи и денес. Се налути зашто тој не ја откопчал патиката и цело време ми викаше „бегај“. Не го оставам сам затоа што фрла сè што му е при рака – во случајот перници, ќебе. Најлошо е тоа што клоца, гребе и не можам да останам рамнодушна, па ќе го плеснам, па ми е криво, па плачам и повторно истото – го земам и силно го гушкам за да го смирам…
Ќерка ми немаше вакви испади, но и таа знае да го инаети и доаѓа до караници по кои морам да го повишам гласот за да ме слушнат…
Колку и да се трудам да бидам добра мајка, знаат да ме извадат од такт и завршуваме со караница… Татко му знае да рече: „Носи го на психијатар“, а и не придонесува многу во одгледувањето на децата, целиот товар е на мене, па најчесто јас знам да реагирам со караница. Ве молам за совет, многу сум загрижена.
Прашува: Мими
ОДГОВОР: Тантрумите или изливи на бес се нормален дел од растот и развојот на детето. Кај некои деца се изразени, додека кај други како воопшто да ги нема.
Некогаш е навистина тешко да се справиме со изливите на бес кај децата. Но, удирањето нема да го коригира однесувањето на детето, туку само ќе го потисне и ќе го одложи за понатаму. Доколку дете се казнува вербално, физички или со намалена нежност и внимание, негативните ефекти од тоа се: намалена самодоверба, агресивно однесување, непочитување на родителот кој казнува…
Многу е важно во овој период да почнете со дисциплинирање на детето преку поставување јасни правила на однесување. Овие правила треба да се разбирливи за детето и да се во согласност со неговите способности и возраста. Вербализирајте ја ситуацијата, чувствата, препознајте ги потребите што ги има детето во моментот. На пример, знам дека мислиш дека можеш и си голем, но не може да се лизгаш по рампата, ќе се повредиш итн.
Удирањето нема да го коригира однесувањето на детето, туку само ќе го потисне и ќе го одложи за понатаму. Доколку дете се казнува вербално, физички или со намалена нежност и внимание, негативните ефекти од тоа се: намалена самодоверба, агресивно однесување, непочитување на родителот кој казнува…
Немојте да го подмитувате (на пример, ако престанеш да плачеш, ќе одиме на игралиште) или пак да си заминете од собата, да го оставите (детето може да дојде до заклучок дека не го сакате). Колку и да плаче, инсистирајте тивко и смирено на правилото што го имате поставено. Бидете до детето, зборувајте, гушнете го кога неутешно плаче итн. Важно е да почувствува дека е сакано и да му повторувате дека многу го сакате (затоа што те сакаме многу, сакаме и да те научиме на убаво однесување). Наградете го неговото добро однесување, особено доколку во некоја активност е истраен. Пискањето, викањето, доколку ги игнорирате, многу брзо ќе исчезнат.
Поразговарајте со вашиот сопруг и договорете се за заеднички став во однос на воспитувањето на децата. Важно е активно учество на двајцата родители во овој процес кој, иако не е долготраен, е многу исцрпувачки за родителите.
Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / janagrozdanovska@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Фото: Борче Поповски
912