Избирајќи го сопствениот креативен израз, а не прифаќајќи го изборот наметнат од средината, детето развива издржано, индивидуализирано и единствено чувство за себе

Креативното изразување на децата е нивна потреба да го отсликаат својот свет на начин на кој посакуваат, да го претстават сето она за кое понекогаш им недостигаат зборови, да направат оригинални креации бидејќи така им доаѓа однатре. Тоа им помага да решат прашања кои не можат да ги опишат и притоа да ги информираат, поточно да им ги „нацртаат“ на возрасните, да го донесат поблиску нивниот свет на фантазија во реалноста што ги опкружува, да најдат начин уште повеќе да си поиграат, да се обидат да се социјализираат, а тоа да не биде најтешката задача на светот, да најдат нови и само за нив јасни објаснувања на работите – вели психологот Радмила Живановиќ.

Детето покажува како се чувствува

Креативните детски изрази, додава Живановиќ, најчесто се невербални, вербални и сензо-моторни (визуелни, аудитивни, кинезички, тактилни) искуства, кои многу пати ги покажуваат контекстот и ситуацијата во која детето се наоѓа, како и неговата улога и односот што го гради или му е наметнат во дадената средина.
– Можноста за креативно изразување е и можност за нови, трансформациски искуства во кои детето се соочува со повеќеглаво чудовиште прераснувајќи во единствен и оригинален суперхерој, кој ги содржи сите атрибути потребни да ја надмине кризната ситуација/трауматично искуство кое го преживува (неприспособеност, страв, загуба, напуштање и сл.) – вели Живановиќ.
Преку креацијата се покажува како се чувствува детето, дали се соочува или се бори со нешто. Преку тоа што го создава изразува емоција која понекогаш тешко може да се изрази, а самата бара одредена експресија, интересите и желбите кои во даден момент се забранети, а имаат потреба за реализација.
Децата преку креативниот израз наоѓаат нови начини да дишат, го развиваат она што го чувствуваат и го компензираат или сублимираат она што им недостига.

Кој е најсоодветен уметнички израз за децата?

– Најсоодветен уметнички израз е оној што е избран од самото дете, а не наметнат од средината. Избирајќи го сопствениот креативен израз, а не прифаќајќи го изборот наметнат од средината, детето развива едно издржано, индивидуализирано и единствено чувство за себе. Креативниот избор зависи од сензибилитетот на детето. Така, подинамично дете ќе има потреба од подинамичен и посоцијален уметнички израз, додека детето што е помирно ќе има потреба од посмирен и поиндивидуален уметнички израз – вели Живановиќ.
Доста психотераписки пристапи како и оние што се специјализирани за работа со деца и млади (игровната терапија и арт-терапија) ги користат детската имагинација, игра, слика, израз за да комуницираат со детето, неговиот внатрешен свет, разбирања, прашања и стравови, вели психотерапевтката.

– На тој начин, психотерапијата создава контакт кој лекува и кој му овозможува полесен развој на детето и на семејството. Вајолет Оаклендер, познат детски гешталт-терапевт, преку водена фантазија, во која детето е во контакт со своето место и простор, се обидува да го повика детето да го нацрта тој простор, да ја создаде реченицата која би го опишала целиот цртеж, да ја избере својата претстава на цртежот, да ја оживее таа претстава преку разговорот со психотерапевтот и на тој начин да го донесе својот контекст, актуелното прашање во однос на контекстот и начинот на негово надминување, разрешување -објаснува Живановиќ.

Подобро се снаоѓаат

Децата способни за имагинација, местото од каде што тргнува креативниот израз, подобро се снаоѓаат, ја разбираат и се адаптираат на средината во која се наоѓаат. Соодветно, стимулацијата на детето да биде во контакт со својата имагинација и креативен израз ја поттикнува неговата способност за учење и снаодливост. Кога како родители ние гледаме во детската имагинација и игра, ние гледаме во нивниот внатрешен свет затоа што фантазиите се одраз на детското чувствување на контекстот.
– Креативниот израз исто така се раѓа од поголемиот или помал сензибилитет или талент, за одредено креативно изразување. Вроденоста значи многу, но не е сѐ. Вложувањето, поддршката и видливоста се оние аспекти со кои цвета детскиот уметнички израз.
Не е потребно да ги имаш најновите боици, медиумот за уметничко изразување може да биде кој било сѐ додека постои желба, посветеност и поддршка – вели Живановиќ.

 



912

X