Не постои цврст научен доказ дека шеќерот директно поттикнува хиперактивност, но, според експертите, на сите би ни користело да го намалиме внесот на слатки.
Предупредувањето што со децении се повторува меѓу родителите гласи: ако детето изеде премногу слатки, ќе стане неконтролирано енергично. Но, дали навистина постои научен доказ дека шеќерот нè тера да „претеруваме“? Засега не, вели Аманда Ејвери, вонредна професорка по нутриционизам на Универзитетот во Нотингем.
Професорката Ејвери објаснува дека постојат одредени теории кои го поврзуваат шеќерот со промени во однесувањето. Една од нив се темели на начинот на кој шеќерот го активира системот за наградување во телото, предизвикувајќи ослободување на допамин, невротрансмитерот поврзан со чувството на задоволство.
– Зголемувањето на нивото на допамин може да биде поврзано со промени во однесувањето, кои понекогаш може да вклучуваат периоди на хиперактивност – вели Ејвери.

Друга теорија се фокусира на тоа дека консумирањето големи количини шеќер може да предизвика нагло зголемување, а потоа и брз пад на нивото на гликоза во крвта, состојба позната како реактивна хипогликемија. Ова може да доведе до промени во однесувањето, од кои некои може да се протолкуваат како хиперактивност.
Сепак, постојат малку докази што би ги потврдиле овие теории. Една од причините е што хиперактивноста, надвор од нејзиниот клинички контекст како симптом на нарушување на вниманието и хиперактивноста (АДХД), е субјективна појава.
– Она што еден родител го смета за хиперактивно однесување, друг може едноставно да го доживее како енергичност – објаснува Ејвери.
Досегашните истражувања покажале само ограничена поврзаност меѓу внесот на шеќер и хиперактивното однесување, и тоа главно кај деца кај кои веќе е дијагностициран АДХД.
Најизразените врски се забележани кај засладените пијалаци, кои во една порција можат да содржат седум или осум лажички шеќер. Дополнителен проблем е што овие пијалаци често содржат и адитиви и кофеин, што го отежнува издвојувањето на шеќерот како единствен виновник.
Одредени истражувања спроведени врз животни, но не и врз луѓе, покажале дека оние што рано во животот имале исхрана богата со шеќер имале поголема веројатност подоцна да покажат хиперактивно однесување.
Дали шеќерот нè прави хиперактивни? Засега тоа не е научно докажано. Сепак, како што нагласува професорката Ејвери, повеќето од нас внесуваат повеќе шеќер отколку што е здраво, па затоа советот е јасен: треба да се обидеме да го намалиме неговото внесување.