Во растот и развојот на децата, особено во предучилишниот период, доминантна е игровната активност. Играта и играњето честопати се поврзуваат со самото детство, па оттаму доаѓа и онаа стара изрека – нема детство без игра
За да се појави игровната активност кај децата, развојно е потребно да претходи стадиум на предигровни активности. Првите манипулации што ги изведува детето со предметите, односно играчките околу него претставуваат вежби во оперирањето со предметите и преку нив постепено се развива сензомоторната координација.
Фото: Pexels
Првата реакција кај детето можеме да ја забележиме околу третиот месец, и тоа преку реакцијата на човечкиот лик. Во овој случај човечкиот лик станува првиот предобјект и првите предигровни активности се одвиваат токму со него. Затоа на многу деца првата омилена игра им е криење и покажување на лицето, односно криенка. Овие предигровни активности исто така се важни и поради развивање посилна социо-емоционална врска и близина помеѓу родителот (или старателот) и детето. Многу е важно во овој период на предигровни активности во дијадната врска дете-родител (или старател) да се воведе и трет елемент (играчка) како посредник во оваа интеракција. Подоцна, кон крајот на осмиот месец, кај детето може да се забележи дека омилените активности се менуваат и дека тоа преферира да манипулира со предметите, да ги гледа, да ги слуша, да ги допира и да ги става в уста. На овој начин детето почнува да ја истражува околината и не секогаш играчките се негов избор, туку тоа може да биде и некој предмет од секојдневното опкружување.
Родителите најчесто грешат кога ги опсипуваат децата со разни играчки уште од најмала возраст, а кои многу пати се непотребни. На едно доенче во првите три месеци од животот нема да му бидат интересни кадифените мечиња, туку играчките што имаат јаки контрасни бои, играчки што испуштаат звуци, а исто така на доенчето, како што напоменав, многу го привлекува човечкото лице. Зборувајте им, насмевнувајте им се, односно оставете ги едноставно да ви ја следат фацијалната експресија.
Подоцна, околу третиот до шестиот месец, многу е важно играчките да бидат безбедни и меки затоа што децата најчесто ги гризат. Обезбедете им меки играчки, кои немаат ситни или остри делови.
По шест месеци, децата почнуваат да го истражуваат просторот, сакаат да тропкаат со играчките, да ги фрлаат, да ги удираат. Играњето им станува поживо затоа што се појавуваат првите чекори (бебето стои, седи, се превртува), па затоа просторијата во која што си играат треба да биде безбедна.
Во периодот од шест до девет месеци децата се фасцинирани од топките и коцките. Тркалајте ја топката кон нив, оставете да ја пронајдат. Нека бидат шарени и во различна големина. Оставете ги нека ги редат играчките по различна форма.
Многу е важно да постои континуирана интеракција помеѓу родителот и детето. Родителот да одговара на неговите потреби и да му дава доволно љубов, внимание и грижа. Зборувајте му на детето уште од најмала возраст, читајте му приказни, раскажувајте му свои, пејте му приспивни песни. Сето тоа ќе придонесе за нормален развоен тек, а и ќе ја зајакне вашата врска со детето.
Но, играњето не е исто што е играта затоа што играта е еден вид социјална реалност и систем од правила што постојат надвор од индивидуалната свест. Играта ја сочинуваат и карактеризираат неколку или низа правила, кои ако се изменат, ќе се измени и играта, или пак ќе стане збор за некоја сосема друга игра. Психоаналитичарите би рекле дека играњето не оди според принципот на задоволството, туку оди и над принципот на задоволството. Доколку кај детето ја поттикнуваме играта, тогаш кај него поттикнуваме изразување во повеќе димензии – во когнитивна затоа што го изразува мислењето, во емотивна затоа што ги изразува чувствата и во конативна затоа што се одржува автономијата на детето.
Би сакала да дадам и краток совет и трик за родителите што го читаат ова, а за кој верувам дека многу ќе им помогне: Наместо да им купувате нови играчки на децата, можете да им ги криете повремено. Смислете и направете ротација на омилените играчки и давајте ги преку една или две недели. На тој начин повторно ќе бидат интересни и примамливи и нема да им здосадат.
912