Прашање што секоја мајка си го поставила барем еднаш во животот е колку долго треба да го дои бебето. Препораката на Светската здравствена организација е детето да се дои до шест месеци, но постојат причини зошто мајките би можеле порано да го прекинат доењето или веднаш да се префрлат на адаптирано млеко.

Сепак, не постои точна граница кога детето треба да престане да дои. Таа одлука е исклучиво на мајките и нивните бебиња.

– Треба да доите сѐ додека тоа е заемно корисно за вас и вашето бебе. За некои мајки, ова може да значи дека тие ќе се одлучат воопшто да не го дојат бебето. За други, пак, тоа значи дека ќе го дојат бебето до неговата втора година. Доењето е индивидуална работа и никој не може да ви каже кога да го прекините – објаснува медицинската сестра и консултант за лактација Хилари Садлер.

Кои се придобивките од доењето?

Доењето со себе носи многубројни придобивки, како за детето така и за мајката. Садлер истакнува дека мајките што дојат имаат намален ризик од прекумерна загуба на крв по породувањето и намален ризик од развој на рак на дојка, јајчници и ендометриоза.

Некои придобивки за бебето се негов оптимален раст и развој, функционирање на гастроинтестиналниот систем, спречување болести како што се гастроентеритис, дијареја и респираторни заболувања и намален ризик од синдром на ненадејна смрт на доенчиња.

Сепак, Садлер уште еднаш истакнува дека иако горенаведените информации се засноваат на докази, мајката сама знае што е најдобро за неа и нејзиното дете и дека секогаш треба да се потпира на сопствената интуиција.

Извор



912

X