Бременоста носи многу промени во животот, а една од нив е и положбата во која спиете. Како што веројатно знаете, некои положби за време на бременоста се подобри за бебето. Дополнително, како што вашиот стомак расте, некои пози ќе станат понепријатни. Добрата вест е дека нема да имате потреба да барате нова позиција додека не влезете во второто тримесечје.

Еве што велат експертите за пронаоѓање удобни и безбедни положби на спиење во текот на тие девет месеци.

Положби за спиење во текот на бременоста

Постојат три главни позиции за спиење кои ги препознаваат експертите на „Слип Фаундејшн“: на грб, на стомак и настрана. Експертите за спиење велат дека најголемата грижа од тој аспект е како положбата влијае врз протокот на крв до бебето и дали ја стега долната шуплива вена додека се шири вашата матка. Долната шуплива вена е голема вена која се протега по десната страна на ‘рбетот и носи деоксигенирана крв од долните и средните делови на телото до десната преткомора на срцето. Затоа, важно е да знаете како секоја позиција влијае врз вашето дете кое расте во утробата.

Дали можете да спиете настрана за време на бременоста?

Спиењето настрана е познато како најдобра поза за спиење за време на бременоста, според „Слип фаундејшн“. Поточно, најбезбедно е спиењето на левата страна. Можеби се прашувате зошто не на десната страна? Спиењето на десната страна може да предизвика одредена компресија на долната шуплива вена и да го блокира протокот на крв до бебето. Во меѓувреме, спиењето на левата страна ја отстранува целата тежина на матката од десната страна и го оптимизира протокот на крв, објаснува д-р Сара Твоугуд, гинеколог во медицинскиот центар „Седарс-Синаи“ во Лос Анџелес.

-Таа положба може да ја зголеми и удобноста на мајката. Дополнително, ако ви е навистина поудобно да спиете на десната страна за време на бременоста, можете да користите перници за поддршка на матката, за да не се лизга надесно – вели Твоугуд.

Дали можете да спиете на грб за време на бременоста?

Иако ова се смета за една од најдобрите пози за држење на телото, треба да се избегнува спиење на грб за време на бременоста. Помеѓу 15. и 20. недела од бременоста, матката почнува да биде доволно голема за да го попречи протокот на крв кога спиете на грб, бидејќи може да ја компресира долната шуплива вена. Исто така, може да ја стесни аортата, главната артерија која носи крв од срцето до остатокот од телото и да го блокира главниот проток на крв во вашето тело и плацентата.

-Спиењето на грб може да го намали протокот на крв во срцето, па мајката може да се разбуди со чувство на недостиг на здив или срцето да му чука забрзано – вели Амелија Хенинг, акушерка во Општата болница во Масачусетс.

Дали можете да спиете на стомак за време на бременоста?

Спиењето на стомак е добро во раната бременост, но порано или подоцна ќе мора да се превртите.

-Пред 12. недела можете да спиете како што сакате. Многу жени имаат чувствителност на градите, па не им е удобно да спијат на стомак во раните фази. Но, тоа е само непријатност, нема да предизвика никаква штета – истакнува д-р Твоугуд.

Хенинг се согласува и додава дека спиењето на стомак за време на бременоста е во ред додека стомакот навистина не почне да се покажува, обично помеѓу 16. и 18. недела, во зависност од тоа колку стомакот станува голем и колку брзо. Потоа, не само што спиењето на стомак станува прилично непријатно, туку станува и небезбедно за бебето. Спиењето на стомак за време на бременоста може да предизвика движење на трудничкиот стомак и притисок врз аортата и долната шуплива вена.

-Спиењето на стомак ги има истите негативни ефекти како и спиењето на грб – објаснува Твоугуд.

Будење и спиење на грб за време на бременоста

Нормално е да заспиете во една поза, а да се разбудите во сосема друга. Затоа, најголемата грижа за многу трудници е што да прават кога ќе се разбудат на грб. Но, ако навистина се разбудите на грб, не паничете.

-Веројатно тоа не траело долго, само додека телото се приспособи за да избегне непријатни положби за спиење. Ако сте на грб и во третото тримесечје, тоа ќе го компресира протокот на крв и ќе ве натера брзо да се чувствувате лошо, па ќе се разбудите. Поради ова, нема да лежите на грб доволно долго за да го загрозите протокот на крв до бебето – вели таа.

Меѓутоа, ако сè уште се будите на грб (или на стомак или на десната страна) и сте загрижени поради тоа, замолете го партнерот да ве провери, предлага Твоугуд. Ако се разбуди и забележи дека спиете на грб, може нежно да ве сврти на левата страна. Исто така, треба да разговарате за какви било проблеми со вашиот гинеколог. Лекарот може да ви помогне да најдете оптимални позиции за спиење за време на бременоста.

Совети за удобно спиење за време на бременоста

Можеби е предизвик да се најде удобна и безбедна положба за спиење. Сепак, добрата вест е дека вашето тело може да се приспособи на помирни позиции за спиење додека вашиот стомак расте. Но, ако тоа не се случи, можете да го тренирате вашето тело да спие настрана:

Земете перница: Ако цел живот спиете на грб или стомак, транзицијата може да биде тешка.

-Целосно препорачувам да земете трудничка перница – и тоа рано. Треба да ја оптимизирате нејзината употреба за време на бременоста, играјќи си со нејзините позиции и истражувајќи како најдобро може да ви помогне – вели Твоугуд.

Ако сè уште не можете да најдете удобна положба настрана, користете навалени перници. Спиењето на грб под агол од 45 степени може да спречи поголема компресија.

Свиткајте ги колената: Ако страдате од болки во колкот, нозете или грбот за време на бременоста, обидете се да ги свиткате колената. Можете да се обидете да ставите перница под нозете, помеѓу колената или под стомакот за дополнителна поддршка.

Практикувајте добра хигиена на спиење: Можеби ќе ви биде полесно да заспиете во нова положба ако вашето тело е веќе подготвено за одмор. Центрите за контрола и превенција на болести препорачуваат ограничување на внесот на кофеин и користењето екрани пред спиење. Исто така, избегнувајте тешка храна и пијалаци навечер, придржувајте се до редовен распоред за спиење и најдете начини да се опуштите и да го ослободите стресот.

Се разбира, многу од ова може да изгледа полесно да се каже отколку да се направи кога се борите да најдете удобна положба за спиење во бременоста и не можете да заспиете. Но, не губете надеж! Верувајте дека вашето тело најверојатно ќе ве предупреди ако сте во неоптимална положба за спиење пред тоа да му наштети на вашето бебе. Слободно контактирајте го вашиот гинеколог за сите прашања и грижи.

Автор: Ана Дукиќ

Извор



912

X