Кога ќе ги прашате родителите кои особини сакаат да ги развиваат кај нивните деца, одговорноста е секогаш на врвот на листата. И како да не биде? Да се биде одговорен значи сигурност, исполнување на обврските, преземање одговорност за сопствените постапки и преземање иницијатива да се направи нешто без да се чека некој друг да потсети или награди. Сепак, родителите често ја мешаат послушноста со одговорноста. Децата што веднаш ги завршуваат задачите кога им се кажуваат и ги следат правилата се послушни, но вистинската одговорност доаѓа кога детето ќе препознае што треба да се направи и го прави тоа без да биде поттикнато.
Оваа промена не се случува преку ноќ – потребно е трпение, доследност и рамнотежа помеѓу тоа колку родителот му помага и колку му дозволува на детето самостојно да се справи со своите обврски. Премногу контрола може да го спречи детето да развие чувство за одговорност, додека премалото водство може да предизвика несигурност и да го намали чувството на посветеност на задачите. Истражувањата покажуваат дека кога децата стануваат одговорни, нивната самодоверба расте, тие стануваат понезависни и развиваат важни вештини, како управување со времето, решавање проблеми и преземање иницијатива.
Одговорноста е клучна особина која им помага на децата не само на училиште, туку и во нивниот иден професионален и личен живот. И, како и секој аспект од родителството, за развивање на оваа особина кај децата се потребни време, напор и јасни очекувања. Како да ги научиме децата на одговорност во секојдневните ситуации? Еве неколку конкретни примери.
Родителство: Правилата ги поставуваме, но дали ги следиме?
Како родители, природно е да поставуваме правила – куќни правила, време за пред екранот, училишни обврски. Но, што ќе се случи ако самите не ги почитуваме? Ако очекуваме нашето дете да учи секој ден, но никогаш не нè види како земаме книга, каква порака му испраќаме?
Наша задача не е само да им дадеме на децата правила, туку и да бидеме пример – преку своето однесување да покажеме како се донесуваат и почитуваат одлуките. Правилата без доследност не значат многу бидејќи децата најдобро учат од она што го правиме, а не од она што го кажуваме.
Училиште: Кој е одговорен за учењето?
Кога детето ќе се врати од училиште со лоша оценка, родителите најчесто бараат вина кај наставникот: „Како не знае да објасни?“, „Како поставува прашање надвор од материјалот?“, „Што имаше намера да му направи на моето дете?“ Меѓутоа, дали улогата на наставникот е да се погрижи детето да научи сè или да го води и поддржува? Наставникот е одговорен за предавање на материјалот, но детето и ние како родители сме одговорни за продолжување на учењето дома.
Ако детето не си ја заврши домашната задача, можеме да ја префрлиме одговорноста на училиштето, но вистинското прашање е – дали сме му помогнале да стекне работни навики?
Домашна работа: заедничка одговорност, а не „работа на мајката“
Колку пати се случува куќата да биде во хаос, а сите чекаат некој друг да ги собере играчките, да ги измие садовите или да го извади ѓубрето? Можеме да кажеме дека родителите се одговорни за водење на домаќинството, но дали тоа значи дека тие се единствените што треба да направат сѐ?
Ако ги научиме децата да дадат свој мал придонес – да ги расчистат играчките, да ја поставуваат масата или да ги пакуваат своите работи – тогаш ги учиме на нешто многу повредно отколку само да помагаат низ дома. Ги учиме дека одговорноста е дел од животот и дека сите придонесуваме за заедничкиот простор.
Дворот на соседот: Чиј е проблемот?
Кога ќе видиме ѓубре во паркот каде што играат нашите деца, можеби ќе помислиме: „Ова е работа на градскиот санитарен оддел“, но можеме да одвоиме една минута додека стоиме таму за да земеме парче хартија и да го фрлиме во корпа. Дали сме одговорни за јавните простори? Не. Но, можеме да преземеме одговорност и да им покажеме на децата дека средината не се подобрува сама по себе.
Одговорноста е токму тоа – да не чекате некој друг да го реши проблемот, туку да дадете свој придонес, без разлика колку е мал.

Како да ги научиме децата да преземат одговорност?
Родителството е рамнотежа помеѓу поставување граници и дозволување на детето да преземе дел од одговорноста. Не можеме да ги носиме сите одлуки за нашите деца, но можеме да им помогнеме да научат како да бидат одговорни за своите постапки.
Ајде да замислиме ситуација во која детето заборава да донесе ужина на училиште. Можеме да му ја однесеме, но ако го правиме тоа секојпат, дали го учиме на одговорност или го навикнуваме на идејата дека некој секогаш ќе му ги решава проблемите? Наместо тоа, можеме да му помогнеме да воспостави рутина – да си ја подготви чантата навечер и да провери дали има сѐ што му треба.
Слично на тоа, постарото дете можеби сака да донесува одлуки за помал брат или сестра, но тоа не значи дека може да преземе целосна одговорност за нив. Може да советува и помага, но одредени одлуки сепак остануваат на родителите. Децата учат каде се границите на нивната одговорност преку искуство и јасни очекувања.
Како да препознаете кога да преземете одговорност и кога да му дозволите на вашето дете да научи?
Да си ги поставиме следниве прашања:
-Дали моделираме одговорно однесување во нашиот дом или само очекуваме нашите деца да го усвојат?
-Каде можеме со сопствен пример да им покажеме на децата како да преземат одговорност?
-Кога би можеле да ги поддржиме наместо да им решаваме проблеми?
Одговорноста не е товар, туку можност. Ако сакаме нашите деца да пораснат во луѓе кои преземаат иницијатива, ние ги учиме така што ќе им покажеме како да го прават тоа.
На крајот на краиштата, децата не стануваат одговорни затоа што им велиме да бидат одговорни – тие стануваат одговорни затоа што секојдневно го гледаат тоа преку нас.
Секој од нас има своја улога во семејството, но одговорноста не е нешто што се пренесува – таа се споделува и се развива. Кога ги учиме децата на одговорност уште од мали нозе, им даваме вредна вештина за живот. Клучно е да не ги лишиме од можностите да постигнат нешто за себе бидејќи токму тоа ќе ја обликува нивната идна способност за препознавање и преземање одговорност во секојдневниот живот.