Кој од кого се развел? Ф наполни 9 години, а Н е девојче кое има 11 години. Доаѓаат на разговор во друштво со нивната мајка.
П: Колку што сфатив, вие немате проблем што се однесува до комуникацијата со вашиот поранешен сопруг?
М: Засега немам. Се надевам дека… мислам би сакала така и да остане.
П: Што сте им рекле на децата, како сте им објасниле?
М: Мислам дека татко им тоа малку тешко го прифати, но проблемот трае со години наназад, па имаше многу расправии и кавги. Нерадо признавам, но повеќе пати и децата беа присутни.
П: Значи, вие сте одлучиле да се разведете?
М: Да.
П: И како им го соопштивте тоа?
М: Па, ја очекував искрено и едната и другата реакција. Им објаснив дека мама и тато не се сакаат и дека нема веќе да живеат заедно, но тоа не менува ништо кон нив. Дека тука ништо не се менува што се однесува до досегашните навики, обврски, случувања. Бидејќи моите мајка и татко живеат многу блиску, па имам голема помош од нив. Ф ме праша каде сега ние ќе живееме, а јас реков дека ќе изнајмиме стан, ќе живееме во стан.
П: А што им кажа татко им?
М: Татко им… јас некако гледав да го спуштам тоа на нивно ниво… се разбира дека е стрес, но внимавам да биде што помал стрес за нив. А татко им се сврти и рече – Е па, бидејќи сте доволно големи и разбирате, мама веќе не го сака тато и мама веќе не сака да живее со тато и мама и тато ќе се разведат. Н тогаш почна да плаче, мислам дека нешто пукна во неа. Лошо им соопшти. И тие се разочараа…Малку ќе бидат кај мама, па малку кај тато…
П: Не смеете да менувате, многу е важно да не менувате ако сега така сте се договориле, дека преку работната недела се кај вас, а за викенд кај таткото. Држете се до тоа, за да можат повторно да ја вратат сигурноста и да влезат во некоја рутина. И би било добро таткото да не биде татко за забава, а мајката за училиште и учење. Сите обврски што ги имаат кај вас, нека ги имаат и кај него.
М: Добро.
П: Јас сега ќе ги викнам нив да видам што цртале.
(Ф и Н влегуваат)
Н: Мене ми недостига тато.
П: Ти недостига ли и тебе, Ф?
Ф: Онака.
П: А дали сте ги прашале мама и тато што се случи, зошто се разделиле?

Н одмавнува со главата.
П: Важно е да знаете дека смеете да ги прашате мама и тато сè што ве збунува. Зарем не е така? (Н ги крева рамена).
П: И ти Н, смееш слободно да кажеш на глас ако тато ти недостига. Никој нема да се лути: (Н молчи)
П: Верувај ми, ако ѝ кажеш на мама дека ти недостига тато, таа ќе му се јави на телефон или ќе те утеши, но сигурно нема да се лути, во ред?
Н: Да.
П: А дали знаете дека и мама и тато најмногу ве сакаат и дека тоа што тие не се согласуваат нема никаква врска со вас?
Ф: Да. (Н крева ги рамената)
Оставете им на децата простор да ве прашуваат. Не дозволувајте разводот да стане табу-тема во вашето семејство. Објаснете им дека вашата љубов кон нив не се менува. Договорете се што ќе им кажете на децата однапред за вашите приказни да се усогласуваат. Држете се до договорот за гледање за им помогнете повторно да се чувствуваат сигурно и да ја пребродат фазата на промена. Дозволете им на децата да ги искажат своите чувства без страв. Тие имаат право и пред мајката да го сакаат таткото и пред таткото да ја сакаат мајката. Не учете ги да ги сокриваат своите чувства, да се срамат од нив, или да ви угодуваат и да бидат неискрени.
Автор: Марија Манојловиќ, психолог