Започна новата учебна година, што значи и дека сезоната на вируси е во полн ек, па во куќите со деца во наредните денови ќе бидат неопходни работи како термометри, хартиени марамчиња и сирупи или лекови за намалување на температурата.

Педијатарот и неонатолог д-р Афиф Ел-Куфаш од Даблин го открил најдобриот начин за родителите да ја мерат температурата на своето дете, за да можат правилно да реагираат.

Покачената телесна температура обично е знак дека телото на малечкото се бори со инфекција, но дефинитивно е важно да се следи температурата за да знаете дали и кога треба да побарате мислење од лекар.

Кога станува збор за мерење на температурата, постојат неколку начини за мерење на децата – во уста, под пазувите, на челото, но кој начин е најдобар?

Д-р Ел-Куфаш тврди дека најдобро е да се измери температурата под пазувите бидејќи така ќе се добијат најточни податоци.

-Дигиталниот термометар на пазувите е посигурен метод за мерење на температурата кај децата – вели тој во својата објава на „Инстаграм“ и објаснува зошто.

-Температура на трупот – иако пазувите се дел од екстремитет, подобро ќе се измери отколку кога ја мерите на челото или во увото. Тоа значи дека отчитувањата по мерењето под пазувите ќе бидат најблиску до температурата на телото на детето – вели тој.

Дополнително, педијатарот нагласува дека повеќето дигитални термометри се дизајнирани за мерење под пазувите, а се лесни за употреба.

-Дигиталните термометри се безбедни за употреба кај бебињата, нема ризик од повреда или штетна изложеност, за разлика од старите живини термометри кои се опасни доколку се скршат – потсетува тој.

Д-р Ел-Куфаш го открива и најлесниот начин за мерење на температурата на бебето или детето со дигитален термометар под пазувите. Еве ги неговите упатства:

-Ставете го бебето на рамна површина или да седне во вашиот скут.
-Ставете го термометарот под пазувите и нежно држете му ја раката на детето. Почекајте термометарот да сигнализира дека мерењето е завршено, а потоа прочитајте ги бројките на малиот екран.

-Не заборавајте, доколку детето е помало од три месеци и има температура повисока од 38 степени или е постаро од три месеци и има температура повисока од 39, обратете се кај вашиот лекар – порачува докторот.

Д-р Ел-Куфаш, исто така, во описот на видеото истакнува дека мерењето на температурата од увото не е доверливо бидејќи само позиционирањето на термометарот, како и ушниот восок, може да влијае врз вредностите што ќе ги измери термометарот.

Кога станува збор за челните термометри, тој вели дека на овие отчитувања може да влијае потта, собната температура или неправилното поставување на термометарот.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор



912

X