Воспитувањето деца не е воопшто едноставно, но се чини дека понекогаш, со најдобра намера, го правиме уште покомплицирано. Волшебниот метод „1-2-3“, развиен по децениското искуство на клиничкиот психолог д-р Томас Фелан, бил создаден за да им помогне на родителите да ја поедностават нивната задача за воспитување деца, а се сведува на само три јасни чекори:
1.Да го натерате вашето дете да престане да прави нешто што не сакате да го прави (на пример, да има изливи на бес).
2.Да го мотивирате вашето дете да почне да прави работи што сакате да ги прави (да завршува некои домашни обврски, домашни задачи…).
3.Поврзување со детето.
Според веб-страницата „123magic.com“, овој метод им помогнал на милиони семејства да станат посреќни, поповрзани и посилни, а подолу е објаснето како функционира.
Како функционира методот „1-2-3“
Она што го прави овој метод толку ефикасен е тоа што ги поттикнува родителите да зборуваат помалку. Кога детето има бес, вашите обиди да му објасните нешто само му создаваат врева во главата. Затоа методот „1-2-3“ се фокусира на мирна, невербална комуникација и сигнали, кои му помагаат на вашето дете да ги регулира своите емоции и подобро да реагира на ситуацијата.
Како што објаснил докторот, овој метод е погоден за воспитување и дисциплинирање на деца од 2 до 12 години, а објаснил и како се применува.
-Во ситуации како изливи на бес, ние користиме сигнален систем наречен броење. Ако се обидувате да го натерате детето да направи нешто позитивно како јадење вечера или легнување, користиме рутини наместо да зборуваме. Значи, имаме алтернативи за разговорот – вели д-р Фелан.

Објаснето со пример, тоа значи дека кога вашето дете прави нешто што не сакате да го прави, вие велите „Тоа е еден“, а потоа чекате пет секунди. Ако сè уште го прави тоа, вие велите: „Тоа е два“, повторно чекате пет секунди, ако детето сепак не престане да го прави тоа, велите: „Тоа е три“ и веднаш му давате последица, која обично е тајмаут.
Клучното нешто кај овој метод е што освен зборовите „тоа е еден“, „тоа е два“, „тоа е три“, не кажувате ништо друго, а исто така се трудите да не покажувате никакви емоции. Кога ќе заврши паузата на детето, не впуштајте се во разговор со него, туку едноставно оставете го да продолжи да игра како пред „казната“. Единствен исклучок од ова е кога вашето дете покажува ново однесување или однесување кое е невообичаено или опасно.
Целата идеја е родителите со помалку разговори и емоции да избегнуваат самите да имаат емотивни испади, да не упатуваат празни закани, да не се возбудуваат премногу и да не викаат на своите малечки.
Автор: Наташа Златковиќ