„И директорката и двете наставнички ме убедуваа дека наставата завршува најдоцна до 15:20 часот, а тие доброволно остануваат до 16 часот“, вели родител

Родители чии деца одат во целодневна настава во неколку училишта во Скопје се жалат дека по завршувањето на наставата, која трае до 15 часот, почнуваат притисоците и вртење на телефони – „Каде сте, кога ќе си го земете детето?“ Тие велат дека мора да бараат компромисни решенија секој ден зашто немаат на располагање баба, дедо или други роднини кои можат да ги земат децата до 15:30 и да бидат со нив до 17 часот, додека да се вратат од работа. Во целодневна настава во секое одделение има по две наставнички и една од нив треба да остане со класот додека последниот родител не си го земе детето.

Родителите се жалат дека мака мачат за да се снајдат

Родител чие име ѝ е познато на редакцијата, но инсистираше да остане анонимен бидејќи смета дека неговото дете ќе има непријатности ако јавно зборува за проблемот, раскажува:
– И директорката и двете наставнички ме убедуваа дека наставата завршува најдоцна до 15:20 часот, а тие доброволно остануваат до 16 часот. Веќе во 16:20 наставничката што ги презела децата се јавува на телефон кај родителите. Реагирав погласно во рамките на училиштето, а наставничките ми рекоа: „Тука е така, сите си ги земаат децата во 15 часот“. Им објаснив дека и јас и сопругата работиме до 16:30, односно до 17 часот и дека е невозможно да стигнеме. И други родители рекоа дека имаат ист проблем, но „се снаоѓаат“. Реагирав неколку пати, но сите ме убедуваа дека немале доволно кадар за да ги чуваат децата до 17 часот. Не сум пријавил никаде, ниту во општина ниту на друго место. Почнавме и ние „да се снаоѓаме“ – раскажува таткото.

Директорка на училиштето во кое учи неговото дете вели дека тоа не е точно.

– Не ми е јасно зошто родителите реагираат во медиуми кога можат нам да ни се обратат за сè и да ги надминеме проблемите. Децата што учат во целодневна имаат т.н. програмски активности до 15 часот. Потоа имаат слободни активности до 16 часот, но по еден наставник останува со децата сè додека не ги земат родителите, без разлика дали е 17 или 17:30 часот. Секој наставник е одговорен за своето одделение. Во целодневната настава секое одделение го водат по две наставнички. Едната почнува наутро, а втората ѝ се приклучува на наставата во 11:30 часот за да се информира за текот на работниот ден. Смената на вториот наставник почнува од 12 часот и трае сè додека последниот родител не си го земе детето. Стојам зад секој збор – вели таа.

Во ова училиште децата одат во т.н. целодневна настава заклучно со трето одделение. Во овој вид настава тие имаат појадок, ужина и ручек и опција за уште една ужина, ако детето останува до подоцна.

Се пожали и родител чие дете оди во друго училиште.

– Наставничките знаат кој ги причувува децата и едноставно гледаат ако може да си заминат дома порано – вели тој.

Инаку, генерално, секое школо интерно си уредува како ќе функционира откако ќе заврши програмскиот дел од наставата. Бидејќи не остануваат сите деца до 17:30, најчесто во една училница се собираат децата чии родители не можат порано да ги земат. Со нив останува по еден дежурен наставник. Ако има повеќе деца, тие се распоредуваат во две, односно три училници, а во секоја има по еден одговорен наставник.

Во Основното училиште „Мирче Ацев“ во Општината Ѓорче Петров целодневната настава трае до 15:00, а потоа дежурен наставник останува со децата до 17 или 17:30, додека има потреба, односно додека родителот не си го земе последното дете.

 

Секое школо интерно си уредува како ќе функционира денот

Слично е и во „Св. Климент Охридски“ во Општина Бутел, иако таму нема целодневна настава, но има дневен престој.

– По завршувањето на часовите децата остануваат со дежурен наставник до 17, односно до 17:30 часот, додека не дојде последниот родител – објаснува мајка на деца што учат во ова школо.

Во „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче има 6 одделенија со првачиња. Од нив 4 се со целодневна, а 2 со класична настава. Во целодневните класови наставата трае до 15 часот. Една од наставничките останува со својот клас до 16 часот. Потоа сите деца чии родители работат до подоцна се собираат во една просторија со дежурен наставник до 17, односно 17:30 часот. Дежурствата ротираат.



912

X