До крајот на септември ќе бидат дистрибуирани сите постојни учебници за основно и средно образование, најавуваат од Министерството за образование и наука (МОН)
Секој септември родителите го отвораат прашањето од какви учебници ќе учат нивните деца. Стари, ичкртани, со грешки… Но се прашуваат и до кога нивните деца ќе учат предмети по кои воопшто немаат учебници и наставата се одвива со алтернативни решенија.
Според информациите што ги добивме од Педагошката служба при МОН, која е надлежна за учебниците во основно и во средно образование, дури 36 учебници во моментов недостигаат, односно не постојат во основното образование. 20 од нив се во постапка на одобрување, а 16 се одобрени и ќе се печатат во наредниот период. Има и такви, како што е Општество за трето одделение, кој не е во ниедна од овие листи.
Најверојатно во второто полугодие учениците ќе добијат нови учебници по следните предмети: работа со компјутер и основи на програмирање (4. одд.), географија (7. и 8. одд.), иновации – (9. одд.), српски јазик (6.и 7.одд.), турски јазик (9. одд.), јазик и култура на Бошњаците (изборен) – (3., 4. и 5. одд.), јазик и култура на Власите (изборен) – (8. и 9. одд.), јазик и култура на Бошњаците (изборен) – (8. и 9.одд.).
Од МОН објаснуваат дека постапката за јавна набавка за превод и печатење на учебниците е во завршна фаза и се очекува согласно законските рокови за жалбените постапки, да заврши до средината на октомври, по што ќе следува печатење и дистрибуција на учебниците до училиштата.
Учебници за кои ќе се почека малку подолго се во фаза на подготовка, некои се во фаза на постапка за авторски права, други во фаза на рецензија и за нив сè уште нема одобрение за печатење. Станува збор за: работа со компјутер и основи на програмирање (3. одд), општество (4.одд.), работа со компјутер и основи на програмирање (5. одд.), информатика (6. и 7 одд.), музичка уметност (6. одд. и 7.одд.), информатика, граѓанско образование (8. и 9 одд.), музичка уметност (8. и 9 одд.), географија (9.одд.) босански јазик (1. одд.), српски јазик (1.и 2 одд.), босански јазик (2. одд.), јазик и култура на Ромите – изборен (6., 7.,8. и 9. одд.).
Навремената дистрибуција на учебниците е уште една тема што е актуелна на почетокот од учебната година. Сè уште не се дистрибуирани сите постојни учебници за новата учебна година. Според МОН, целосната дистрибуција на учебниците ќе заврши до крајот на месецов.
– Дистрибуцијата на учебниците за основно образование треба да заврши на 20 септември, а за средно образование – требаше на 17 септември. Поради усогласена дистрибуција, а доцно пристигнување на учебниците по странски јазици од странство, рокот за дистрибуција е пролонгиран за 10 дена – појаснуваат од МОН.
912