Надица Илиевска, дипломиран нутриционист

Надица Илиевска, дипломиран нутриционист

„Нутриционист консалтинг“
тел. 078 221 044
е-пошта: nutricionistkonsalting@gmail.com

Повеќе од авторот

Кога купувате сладолед, неопходно е да внимавате на боите и адитивите што се во него додадени бидејќи честопати во неговиот состав се кријат опасни адитиви

Сезоната на сладолед е во тек, па во неговиот освежувачки вкус уживаат и децата и возрасните. Но кој сладолед е „здрав“, кои сладоледи се најдобри, а кои треба да се избегнуваат е дилема што во овие врели денови треба да се разреши.
Сладоледот е најпосакуваниот десерт на децата во лето. Најчестото прашање е колку сладоледи може да му дозволите на вашето дете? Тешко е да се одолее на предизвикот за уште еден сладолед, а изборот е огромен, од овошни до чоколадни, таканаречени водени или млечни, на стапче или во корнет. Видот и количината на сладолед треба да зависат од конституцијата на детето и од неговата физичка активност. За децата со вишок телесна тежина, најдобро е да се консумира еден сладолед секој трет ден, за другите – најмногу по еден сладолед секој ден. Кога станува збор за сладолед од слаткарница, една топка е сосема доволно за децата. Добар сладолед е оној што е направен од јогурт во кој има овошје и многу малку додаден шеќер. Сладоледот треба да се јаде бавно и не треба да се голта затоа што на тој начин доаѓа до нагла промена на температурата во желудникот, што може да предизвика проблеми во стомакот.
Треба да се има предвид дека во зависност од додатоците, сладоледите може да бидат многу калорични. Еден сладолед може да содржи од 125 до 400 килокалории, што зависи од тоа што е во него додадено. Но во кој било облик, сладоледот содржи многу шеќер, а тоа се празни калории без нутритивна вредност. Затоа, особено треба да се внимава кога децата со инсулинска резистенција и дијабетес сакаат да уживаат во сладоледот.

Кога купувате сладолед, неопходно е да се внимава на боите и адитивите што се во него додадени бидејќи честопати во неговиот состав се кријат опасни адитиви и тоа не зависи само од видот на сладоледот, туку и од произведувачот. Сладоледите често содржат емулгатор карагенан – Е-407, кој е многу штетен за здравјето. Верувале или не, речиси секој индустриски сладолед е „збогатен“ со овој опасен адитив, кој се користи за добивање поголема густина и пријатна текстура. Во поголеми количини не би смеел да се внесува во детскиот организам бидејќи детскиот метаболизмот е забрзан и нивниот млад организам е почувствителен на овие супстанции бидејќи тие се акумулираат во нивниот организам побрзо. За да одбереме квалитетен сладолед, потребно е внимателно да се разгледа неговата содржина, па така млечен сладолед треба да содржи минимум 2,5% млечни масти во сува млечна материја, најмалку 6% безмасна сува млечна материја и најмалку 24% вкупна сува материја. Не смее да содржи додадени растителни масти и протеини. Крем-сладолед содржи минимум 5% млечни масти, 6% безмасна сува материја на млеко и минимум 30% вкупна сува материја. Исто така, не смее да содржи додадени растителни масти и протеини. Воедно, овој сладолед е најбезбеден за децата. Десертен сладолед содржи минимум 2,5% млечна или растителна маст и најмалку 24% вкупна сува материја, а може да содржи и додадени растителни или млечни протеини и овој сладолед не би требало да им се дава на деца. Смрзнат ароматизиран десерт е производ кој содржи вода, шеќер, ароми, бои и други додатоци. Не е погоден за децата. Смрзнат овошен десерт содржи вода, шеќер, овошје, бои, ароми и други додатоци, но мора да содржи минимум 5% овошје или преработена овошна маса. Затоа е важно да се читаат декларациите на производите бидејќи на нив јасно пишува за кој вид производ се работи. Освен тоа, важно е да се води сметка за рокот на траење бидејќи само затоа што производот е замрзнат, не значи дека не може да се расипе.
Повремено може да се консумираат индустриските сладоледи, прифатлив избор за деца се крем-сладоледите и смрзнатите овошни десерти. Десертните сладоледи и смрзнатите ароматизирани десерти никако не треба да им се даваат на децата, тие не се најдобар избор ни за возрасните. Домашно приготвените сладоледи секогаш се најдобар избор. Се приготвуваат со проверени намирници и со домашни смрзнати овошни мешавини и јатки. Тие се освежителни, имаат пониска калориска вредност, немаат додадени масти, ниту опасни адитиви, бои и ароми. За уште подобар квалитет, наместо шеќер, може да се додаде малку мед.



912

X