Ако имате ноќно потење по породувањето, ќе бидете свесни за тоа – најмногу затоа што веројатно имате проблеми со спиењето бидејќи ви е премногу жешко. Но, може да се појават и други симптоми – силен мирис на телото, чувство на влажност, замор и раздразливост… а веќе сте изморени и нервозни.
Но, колку и да е непријатно ноќното потење, вашето тело го прави токму она што треба да го направи за да бидете здрави по породувањето. Вашето тело има 50% повеќе крв и телесни течности за време на бременоста за да го поддржи вашето бебе и неговиот развој. Оваа течност повеќе не е потребна по породувањето. Според клиниката „Мајо“, постпородилното потење е начин на телото да ги исфрли сите вишок течности, што помогнале вие и вашето бебе да бидат здрави за време на бременоста.
Што го предизвикува ноќното потење?
За време на бременоста, вашето тело произведува големи количини на прогестерон и естроген. Откако ќе се породите, нивото на хормоните драстично се менува. Овие промени може да ја зголемат телесната температура во текот на ноќта и како топли бранови во менопаузата да предизвикаат потење.
-За време на бременоста се зголемува нивото на естроген и прогестерон. По породувањето овие нивоа се намалуваат. Ниските нивоа на естроген го имитираат она што се случува во менопаузата, па некои пациенти доживуваат промени во расположението, сувост на вагината, заедно со ноќно потење – објаснува д-р Дара Матсеоне-Петерсен, началник на одделот за акушерство и гинекологија во болницата „Њујорк-Презвитеријан Ален“.
Ова се случува уште повеќе ако доите, бидејќи зголемувањето на нивото на пролактин – хормонот неопходен за доење, исто така придонесува за одржување ниско ниво на естроген.
-Причината зошто мајките доилки се потат ноќе е тоа што исклучиво доењето влијае врз вашите хормони, потиснувајќи ги овулацијата и менструацијата. Тоа е како менопауза, поради што жените имаат слични симптоми – вели д-р Хедер Бил, акушер и гинеколог во болницата „Нортвестерн медисин Мекхенри“.
Колку долго трае ноќното потење по породувањето?
Обично се потребни околу две недели по породувањето за нивото на хормоните да се врати на нивото пред бременоста. Ноќното потење треба постепено да се намалува по ова време и обично не трае подолго од 6 недели, иако некои симптоми може да траат подолго.
Во едногодишно лонгитудинално истражување спроведено во Јапонија 29% од жените по породувањето се пожалиле на прекумерно ноќно потење, а процентот на жени што доживувале топлотни бранови го достигнал врвот на 2 недели по породувањето.
Што да направите против постпородилното потење?
Постојат неколку работи што можете да ги направите за да се чувствувате поудобно ако обилно се потите по породувањето, без разлика дали е ноќе, дење или и двете.
Пијте доволно течности. Сето тоа потење може да ве дехидрира, затоа погрижете се да пиете многу течности. Особено кога ќе се разбудите наутро по ноќно потење. Ова е многу важно ако доите!
Како да откриете дали внесувате доволно течности? Ако вашата урина е обилна и има бледожолта боја, вие сте хидрирани; ако е темна или слаба, не сте хидрирани.
Покријте ја постелнината. Над перницата ставете мека крпа или перница за да апсорбира дел од влагата и обидете се да ставите заштитен чаршаф под стандардните чаршафи за да го заштитите душекот. Ова може да ја олесни непријатноста од ноќното потење по бременоста и да ве спаси од тоа да морате да ги менувате чаршафите секое утро.
Носете широка, лесна облека. Изберете памук, а не синтетика – или спијте во природа. Вклучете го клима-уредот или отворете го прозорецот.
Посипете малку пудра на телото. Ова ќе помогне да се апсорбира вишокот влага и да се спречи појава на исип.
Автор: Карина Шиждрак
912