Неплодноста е сѐ поголем проблем на паровите, клинички дефиниранa како неможност за зачнување во рок од една година обиди. Се проценува дека околу еден од десет пара се бори со овој проблем, а причините вклучуваат сè повеќе одложено родителство, зголемена дебелина, изложеност на токсини од животната средина и претходни медицински состојби.
Причините за неплодност се еднакво поделени помеѓу машки и женски фактори, додека околу една третина од случаите вклучуваат проблеми со двајцата партнери или остануваат необјаснети. Иако за женската неплодност се зборува повеќе, добрата вест е дека денес има повеќе начини од кога било досега за решавање и на проблемите со плодноста кај мажите.
Главни причини за машка неплодност
За разлика од жените, чија плодност значително се намалува по 35-годишна возраст, не постои толку строга возрасна граница за мажите. Меѓутоа, како што мажите стареат, тие исто така доживуваат промени што влијаат врз плодноста. Тие се: намален волумен на спермата, послаба подвижност на спермата и ејакулаторна сила и значително поголемо оштетување на ДНК на спермата, што може да го отежни оплодувањето и имплантирањето на ембрионот.
Најчеста причина за машка неплодност е варикоцелата, зголемена вена во скротумот, слична на проширените вени во нозете. Се проценува дека околу еден од пет мажи има варикоцела, која често се дијагностицира уште во адолесценцијата.
Кај паровите што се борат со неплодност, овој проблем се јавува кај двајца од пет мажи. Овие абнормални вени можат да го намалат производството и подвижноста на сперматозоидите, поради што е важно да го информирате вашиот лекар за тоа.
Дијагнозата започнува со спермограм
Првиот и најосновен тест за утврдување на машката плодност е анализа на спермата или спермограм. Лекарите препорачуваат тестот да се направи дури и ако парот не планира бременост некое време, со цел навремено да се откријат можните проблеми. Упат може да издаде матичен лекар, уролог или специјалист за неплодност.
Анализата ги проценува бројот, подвижноста и обликот на сперматозоидите. Покрај тоа, се проверуваат и нивоата на хормони, како што се тестостеронот и фоликуло-стимулирачкиот хормон (FSH), кој им сигнализира на тестисите да произведуваат сперматозоиди.
Нормален резултат обично се смета за најмалку 15 милиони сперматозоиди на милилитар, со подвижност од 40 проценти или повеќе и најмалку 4 проценти сперматозоиди со правилна форма. Сепак, важно е да се напомене дека нормалниот резултат не гарантира зачнување, ниту пак малку понизок резултат ја исклучува можноста. Во случај на какви било отстапувања, се препорачува посета на специјалист за машка неплодност.
Опции за третман
Машката неплодност често може да се третира со промени во животниот стил, лекови или операција. Дебелината е една од главните причини за нарушување на репродуктивните хормони кај мажите, бидејќи вишокот масно ткиво го претвора тестостеронот во естроген, што може негативно да влијае врз плодноста.

Поради оваа причина, се препорачува балансирана исхрана и редовно вежбање – кардио-тренинг најмалку три пати неделно и тренинг за сила двапати неделно. Исто така, постојат помалку очигледни фактори. Производството на сперма е многу чувствително на температурата, па затоа треба да се избегнуваат сауни и држење лаптоп в скут. Исто така, препорачливо е да се ограничи изложеноста на микропластика и други токсини од животната средина.
Д-р Боби Наџари, доктор по медицина, директор на Програмата за машка неплодност на „Њујорк Лангон хелт“, објаснува дека лековите што го стимулираат природното производство на тестостерон или го спречуваат неговото претворање во естроген се користат и во третманот.
И двата вида лекови можат да го зголемат бројот на сперматозоиди и нивото на тестостерон. Што се однесува до додатоците во исхраната, тој истакнува дека нема силни докази дека се ефикасни ако личноста веќе има балансирана исхрана.
Ако другите методи не функционираат, операција може да биде решение. Варикоцелата може да се отстрани хируршки, како и сите блокади во репродуктивниот систем. Сперматозоидите може да се извадат директно од тестисите, па потоа можат да се складираат и подоцна да се користат во процедури како што е ин витро оплодување.
Со оглед на сето наведено, не е изненадувачки што борбата со неплодноста може да биде исклучително стресна за двојката. Затоа е клучно отворено да разговарате за проблемите со плодноста со вашиот партнер, уште од самиот почеток. Важно е да се разбере дека неплодноста е чест проблем и не е исклучиво „женско прашање“. Затоа, не одложувајте го тестирањето.