Кога се работи за уредување на детската соба, тешко е да им се одолее на сите преслатки играчки и декорации, но детската соба би требало да биде сигурен и пријатен простор, нагласуваат педијатрите. Постојат неколку работи што не би смееле никако да ги имате во детската соба и во просторот за игра.
Гласни играчки
Секое дете во некоја фаза ќе посака гласна играчка, но тоа не е нешто што педијатрите би го ставиле на листата со безбедни предмети. Причина? Изразено гласните играчки може да придонесат за губење на слухот, особено кај новороденчињата. Студијата што ја спровеле од асоцијацијата „Гледање и слушање“ открила дека некои популарни играчки може да предизвикаат оштетување на слухот во рок од 15 минути по употребата.
Нестабилен и тежок мебел
Мебелот што не е прицврстен за ѕид не би требало да биде во детската соба. Експертите велат дека детето може да го преврти тешкиот стол, кревет, орман или друго парче мебел и да се повреди. Острите агли и лошото обработено дрво, исто така, се работи кои се сметаат за опасни. Избегнувајте и тешки уметнички дела, огледала и кршливи работи.
Бебешки направи за одење
Додека многумина ја гледаат како направа која му помага на детето да оди, експертите велат дека одалката може да го натера детето да се движи во нестабилни места, да се удри од ѕид и слично. Затоа, најдобро е да не ја чувате во детската соба.
Долги јажиња од ролетни
Прозорците се важни бидејќи преку нив во собите влегува свеж воздух и сончева светлина, но ако детето не е под надзор, може да претставуваат ризик. На пример, детето може да се задави со долгите јаженца од ролетните.
Штекери и уреди
Сите уреди се опасни за детето, како и незаштитените штекери на ѕидот. Разлабавените завртки, исто така, може да го зголемат ризикот од давење, а опасни се и столните ламби кои децата може да ги повлечат и да се повредат. Добро заштитете ги штекерите и електричните уреди и држете ги подалеку од дофат на децата. Проверете дали сите кабли се добро прицврстени, а уредите исклучени кога не се користат.

Одредени растенија
Иако собните растенија му даваат свежина на просторот во кој се наоѓаат, некои од нив се отровни за малите деца. Пред да внесете растение во домот, проверете дали е опасно за детето и дали детето е алергично на растението.
Додатоци за детско креветче
Детскиот кревет секогаш треба да биде празен. Исто така, доколку се наоѓа покрај ѕид, важно е на ѕидот да нема закачени фотографии, слики, полици и слични декорации. Иако на социјалните мрежи се популарни големите перници, завеси и кадифени играчки, експертите нагласуваат дека тие предмети го попречуваат сонот на детето и претставуваат опасност.
Телевизор
Истражувачите од Универзитетот „Колумбија“ (Њујорк) докажале дека децата што имаат телевизор во својата соба гледаат телевизија речиси 5 часа неделно повеќе од оние што немаат. И други неодамнешни истражувања покажуваат дека претераното гледање телевизија придонесува за престој во затворен простор, но и го зголемува ризикот од дебелина, лоши прехранбени навики, когнитивни и развојни нарушувања, како и нарушувања во спиењето. Децата не би требало да гледаат телевизија повеќе од 2 часа дневно (тоа важи за децата на претшколска возраст) – поставете граници, договорете се што и кога се гледа. Ова временско ограничување вреди за квалитетна ТВ-програма, цртани и слично. Другата програма не би требало да му биде достапна на детето.