Симона Трајковска, специјален едукатор и рехабилитатор

Симона Трајковска, специјален едукатор и рехабилитатор

Повеќе од авторот

Доколку играчката е соодветно одбрана, правилно ќе го стимулира развојот на детето

Играта е основна и најважна активност на секое дете и претставува еден од првите начини на учење, но истовремено е и прво креативно и независно искуство на детето со околината. Од самото раѓање преку најразлични играчки, низ играта, детето се развива и ги добива првите концепти за себе и за својата околина, а воедно е активност во која детето поминува поголем дел од своето време. Преку игра може да се трансформираат различни форми на детското однесување и да се поттикне кон нови модели, што придонесува кон правилен развој.

Во играта се користат најразлични играчки, но од големо значење е тие да одговараат на возраста на детето. Доколку играчката е соодветно одбрана, правилно ќе го стимулира развојот на детето, ќе му го привлече вниманието, ќе го ангажира да манипулира со неа. Во спротивно, играта може да стане здодевна и да не покаже интерес за неа.

Играчки за деца до една година

Играта започнува од самото раѓање. Кај бебињата може да се забележи дека тие ја набљудуваат околината и реагираат на познати лица кои им го привлекуваат вниманието, а особено мајчиниот лик. Како што расте бебето, повеќе се интересира за играчки што поттикнуваат повеќе сетила, како што се музички вртелешки кои се поставуваат на креветчето, меки, полнети топчиња и играчки по кои посегнуваат, ги следат со поглед, а со тоа се развива око-рака координација и се подобруваат визуелната и моторичката способност.

Исто така, може да се користат и гумени играчки бидејќи многу често децата ги ставаат играчките в уста, особено во периодот кога им растат забите. Коцките им се многу интересни на децата, а добри се за развојот бидејќи се користат и двете рачиња при играта, за почеток ги сложуваат една со друга, ги удираат, а со тоа произведуваат звуци. Бидејќи видот на бебињата не е целосно развиен, потребно е играчките да се со јак контраст, не мора да бидат црно-бели, може да се во црвено-зелена, портокалово-сина боја.

Играчки за деца од една до две години

Како што растат децата, повеќе се интересираат за предмети што се движат – како топки, колички кои се туркаат или се влечат. Веќе во овој период стојат самостојно и почнуваат да одат, па затоа и играта станува поинтересна, најмногу уживаат во игрите во кои се употребуваат новостекнатите моторички способности. Топката веќе не служи само за префрлување од една во друга рака и за туркање по подот, во овој период сакаат да ја шутираат, да ја фрлаат, со што играта станува покомплексна. Интерес имаат и за коцки, веќе прават кула и редат повеќе коцки.

Играчки за деца од две до три години

Во втората година играта станува посложена, детето започнува да комбинира повеќе предмети во играта. Децата веќе ја имаат развиено фината моторика, која е потребна за изведување фини моторички вештини, како склопување на играчки и манипулирање со помали предмети. Во овој период децата покажуваат интерес и за сложувалки, а тие треба да бидат адекватно одбрани во однос на возраста. За деца над две и пол години може да се користат сложувалки од два дела, односно една слика. Си играат со пластелин, прават форми, појавуваат интерес и за книги, а потребно е тие да бидат поедноставни и со повеќе слики. Децата веќе почнуваат да сфаќаат дека минијатурните кукли и други играчки ги претставуваат луѓето и објектите од реалниот живот, си играат со различни кукли, им подготвуваат храна, ги хранат, ги возат во колички и ги ставаат да спијат.



912

X