Иако генетиката има најголемо влијание врз изгледот на бебето, постојат и други фактори што можат да го оформат неговиот надворешен изглед.
Според мислењето на експертите, бебињата родени во летниот период во просек имаат поголема телесна тежина и можат да достигнат поголема височина во зрелата возраст во споредба со децата родени во постудените годишни времиња.
Експертите истакнуваат дека соодветното изложување на сонце, главниот извор на витамин Д, е клучно за растот на фетусот. Витаминот Д е особено важен за здрав развој на коските бидејќи овозможува апсорпција на калциум и фосфор, што позитивно влијае врз висината и тежината на детето.
Исто така, нормално е трудниците да имаат желба за одредена храна, но кога станува збор за слатки, препорачливо е нивно умерено консумирање. Гестацискиот дијабетес или покаченото ниво на шеќер во крвта за време на бременоста може да доведе до натрупување на масни наслаги кај бебето, што го зголемува ризикот од дебелина и дијабетес во подоцнежниот живот.
Многумина веруваат дека консумирањето млеко за време на бременоста придонесува бебето да има посветла кожа. Според експертите, постои поврзаност меѓу пиењето млеко во бременоста и здрава родилна тежина на бебето.

Исто така, на бремените жени им се препорачува да не внесуваат повеќе од 200 милиграми кофеин дневно бидејќи оваа состојка брзо се апсорбира и се пренесува до фетусот, а во големи количини може да се наталожи и да го ограничи растот на бебето, што доведува до ниска породилна тежина.
Дополнително, консумирањето кикиритки за време на бременоста може да го намали ризикот од алергии на кикиритки кај бебето. Алергиските реакции можат да предизвикаат исип, црвенило, оток, како и дигестивни проблеми и тешкотии со дишењето.
Исто така, загадениот воздух може да влијае врз родилната тежина на бебето, а на идните мајки им се препорачува да го ублажат овој ефект преку храна богата со витамини и антиоксиданси.
Храната богата со протеини влијае врз растот на косата кај бебињата. Затоа на трудниците им се препорачува да консумираат спанаќ, авокадо, јаткасти плодови, како и масна риба богата со омега-3 масни киселини.