Жените што планираат да забременат често се фокусираат на здрава и балансирана исхрана, намалување на стресот и редовна физичка активност, но новото истражување открива уште еден клучен фактор што може значително да влијае врз шансите за зачнување.
Жените што сакаат да забременат треба да си легнат најдоцна до 22:45 часот, тврди една нова студија. Истражувачите следеле 4.000 жени во репродуктивна возраст пет години за да видат како времето на спиење влијае врз нивните шанси за зачнување.
Имено, се покажало дека жените што редовно заспиваат по 22:45 часот имаат 22 проценти поголема шанса да имаат проблеми при обидот за зачнување. Познато е дека доволното спиење е важно за одржување на плодноста, но студијата покажува дека не е важна само количината на сон, туку и избегнувањето доцно легнување.
Проблемите со зачнувањето влијаат врз околу 15 проценти од паровите во Велика Британија, дефинирани како неможност на жената да забремени по 12 месеци или повеќе редовен незаштитен секс. Околу 30 проценти од случаите се припишуваат на жените, 30 проценти на мажите, а остатокот на вообичаени или непознати причини.

Научниците од болницата „Секонд Ксиангија“ во Хенан, Кина, проучувале како различните навики за спиење влијаат врз стапките на бременост кај жените, кои активно се обидуваат да основаат семејство. Тие ги исклучиле од истражувањето другите фактори што би можеле да ги намалат шансите за зачнување, како што се дебелината, пушењето и консумацијата на алкохол.
Резултатите, објавени во списанието „Границите на ендокринологијата“, покажале дека нема значајни разлики во стапките на плодност кај жените што си легнуваат до 22:45 часот. Но, по тој период, шансите за забременување нагло се намалуваат – за повеќе од една петтина.
Научниците веруваат дека подоцнежното одење на спиење го нарушува внатрешниот часовник на телото и предизвикува хормонски промени што ја намалуваат веројатноста за оплодување на јајце-клетка. Тие заклучиле дека е важно жените во репродуктивна возраст да се придржуваат кон одење на спиење порано за да ги зголемат шансите за зачнување.